И денес се потпишуваат договорите. Во следните денови, образовните асистенти навлегуваат во училиштата, информира денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
На прашањето до кога може да се очекува асистентите да бидат и во средните училишта, министерката појасни дека законот многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа.
Потоа треба да помине на влада, да се поднесе во Собрание. Многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа, сите ќе можат да го видат и ќе можат и да реагираат на некакви членови, ако имаат забелешки. Најрано што можам да очекувам асистенти во средните училишта е јануари 2025 година, рече Јаневска при посетата на едно училиште во општина Аеродром.
Македонија е меѓу ретките земји во светот, каде сите деца без разлика на потешкотиите одат во редовно образование.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) неодамна апелираше до Министерството за образование и наука (МОН) да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација и бара навремено да се осигура разумно прилагодување согласно индивидуалните потреби на секој ученик, добивање на соодветна индивидуализирана поддршка, како и поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост, наведено е во реакцијата на Комисијата.
Оттаму потсетуваат на коментарите на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Организацијата на Обединетите Нации дека „инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици.“