По изјавата на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека не се планира зголемување на платите на наставниците, таа и денес беше прашана дали ќе ја промене одлуката.
„Секако дека ќе разговараме со сите социјални партнери и секако дека ќе бараме начин да ги измотивираме наставниците на сите можни начини. Наставниците не се депримирани само ради средствата со кои се покрива нивниот труд, има и многу други елементи кои ги вознемируваат и прават незадоволни. Почитта од страна на родителите, почитта од страна на учениците, почитта од страна на општеството итн“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека се отворени за разговор и дијалог, но мора да се земат во предвид реалните можности. „Сите знаете во каква состојба ја наследивме државата, не само во образованието. Нашата цел е да ја стабилизираме државата и да започнеме од таму да градиме понатаму. Ако се појави можност која не зависи само од министерот, ќе ја разгледаме, но во моментов не гледам таква опција“, додаде Јаневска.