На средба со новинарите, денеска министерката за образование, Весна Јаневска посочи дека ќе има нов софтвер за „plagijati.mon.gov.mk“ – алатката за откривање препишани трудови и најави т.н. „ѕид на срамот“ на кој ќе се објавуваат несоодветни трудови зашто на разни универзитети, рече, поминуваат магистратури и докторати кои се на ниво на ученички трудови.
Во одговорот на новинарското прашање на денешниот брифинг до кога ќе се толерира појавата со која преку јавни огласи може да се купи готов магистарски труд или докторат за 300-500 евра, таа одговори дека се размислува за две новини.
-Размислуваме да направиме една платформа која што сега ја разработуваме и на која целосно ќе ги објавуваме магистериуми и докторати со рецензии и потписи на професорите. Тоа би било нешто што се вика Ѕид на срамот за докторати и магистериуми. Билтените на УКИМ, на Универзитетот „Гоце Делчев“ и другите никој не ги чита. А се зборува дека на разни универзитети и факултети поминуваат докторати и магистериуми кои се на ниво на ученички трудови, кажа министерката.
За „ѕидот на срамот“, појасни дека се подразбира сите магистарски трудови и докторати, сѐ што ќе произлезе од Македонија има да биде на таа платформа.
-Plagijati.mk функционира, но и тоа мора да се подобри, стар е софтверот, морам да им се заблагодарам на техничките факултети, особено на ФИНКИ, многу ни помогнаа. Дополнително воведуваме вештачка интелигнеција и тој процес ќе се олесни, кажа министерката на брифингот со медиумите.