Јаневска: Со е-дневник нема бришење на оценка „двојка“ и поправање во „петка“

Околу пријавите за недостиг на учебници во училиштата, Јаневска вели дека од прво до трето одделение нема никакви поплаки, а во четврто има предизвик со учебникот по математика.

од Nikola Popovski
46 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска изјави дека со е-дневникот повеќе нема да може да има бришење и допишување на оценки. Според неа, нема бришење на оценка двојка и поправање во петка – тоа ќе може само администраторот во МОН да го направи, доколку има сериозно објаснување за такво нешто ако згрешил наставникот и да интервенира во најкус можен рок.

-Директорите повеќе нема да можат да интервернираат во графите ниту ќе може еден предметен наставник да ги гледа оценките на другите предметни наставници. Тоа не функционира, кажа Јаневска.

Околу пријавите за недостиг на учебници во училиштата, Јаневска вели дека од прво до трето одделение нема никакви поплаки, а во четврто има предизвик со учебникот по математика.

-Во петто одделение има нов учебник по Историја и општество, во шесто одделение исто има нов учебник по Историја, а во седмо одделение цела генерација добиваат комплетно нови учебници по сите предмети. Осмо одделение предизвик е учебникот по историја. Учебникот по историја одоборен од минатите Влади е повлечен 2018-2019 година од МНР поради барањето на мешовитата Комисија бугарско-македонска. Зошто пет години, никој од претходните министри не презеле нешто, во правец за учебникот за осмо одделение не можам да кажам, ќе мора да ги прашате нив, вели Јаневска.

Таа образложи и зошто годинава за цела генерација не е печатен нов учебник по историја, причината е што во рок од 12 до 14 дена ќе биде објавен Конкурсот за новите наставни Програми за осмо одделение. Тоа значи наредната генерација ќе има комплетно нова наставна Програма и комплетно нови учебници, вклучувајќи и нов учебник по историја.

-Сметам дека непотребно трошење на буџетски пари е да правевме по старата Програма учебник за осмо одделение, кога ние за две недели ќе имаме нова Програма и нов учебник за осмо одделение. Дополнително, тој учебник, кој наведно се дели по училиштата не е одобрен учебник ,рече Јаневска.