Јаневска уште еднаш повтори: Наставниците ќе имаат повисоки плати, но проблем е недостигот на средства во буџетот

од Илинка Илиоска
73 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска уште еднаш истакна дека поддржува зголемување на платите на наставниците, но и дека средствата во буџетот се ограничени, нешто што таа го повторува веќе неколку пати.

„Апсолутно сметам дека треба да имаат повисоки плати и ќе имаат повисоки плати“, нагласи министерката, но додаде дека „проблемот е што нема средства во буџетот, а сите останати ресори исто така бараат покачувања на нивните плати“, изјави Јаневска во интервју за „Телма“

Јаневска истакна дека, иако зголемувањето е планирано, финансиските ограничувања го отежнуваат процесот. „Не станува збор дека нема да имаат повисоки плати, но ако вие имате три денари, можете ли од нив да направите шест?“ Таа го потсети јавноста дека и другите ресори, како здравството и администрацијата, бараат зголемување на платите, додавајќи дека е изненадена што „луѓе работат за 27.000 денари, со години“.

Во однос на образовната политика, министерката нагласи дека нема да има драстични промени, туку ќе се задржат добрите елементи, додека ќе се реформираат само оние за кои постојат препораки од релевантни фактори. Јаневска најави и реформи во високообразовните институции што ги обучуваат идните наставници.

За обуките на наставниците, министерката посочи дека „ќе мора да се одвиваат паралелно со реформите на наставничките факултети“, бидејќи досегашниот систем не создава кадар кој може да ги подготви учениците да постигнат подобри резултати на меѓународните тестирања како ПИСА.

Таа, исто така, зборуваше за предизвиците во образовниот систем, нагласувајќи дека слабите резултати на тестирањата се резултат на многу фактори, вклучувајќи ги социјалните прилики, улогата на родителите и почитта кон наставниците. „Многу се факторите – социјалната положба на родителите, образованието, начинот на кој родителите и наставниците ги воспитуваат децата“, рече Јаневска.

Слични содржини