Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со повеќе партнери на институциите и на образовните установи, и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отпочнувањето на годишната национална кампања за собирање отпад „Генералка викенд 2025“ на Скопскиот аквадукт, организирана од Мен Енд Маунтен во соработка со повеќе партнерски компании и граѓански здруженија, а која е поддржана и од Министерството за образование и наука.
„Задоволство ми е што како министерство, неодамна со Мен Енд Маунтен потпишавме меморандум за соработка за да ја поддржиме оваа масовна еколошка акција и во комуникација со училиштата да вклучиме што поголем број основци и средношколци. Ова е придонес кон градење на еколошки одговорни генерации“, рече Јаневска.
Додаде дека младите се иднината на државата и мораме од најмала возраст да ги поттикнуваме на одговорност кон околината, за како што рече, да им ги намалиме можните предизвици и ризици со кои во иднина би се соочувале, а тоа е загадениот воздух, загадената почва, вода и слично, кои влијаат на човечкото здравје.