Јаневска за предлог-законот за средно образование: Ако е потребно, ќе биде вратен без одредбата за државната химна во училиштата

од Nikola Popovski
43 прегледи

Министерката за образование, Весна Јаневска информира дека во новиот Закон за средно образование, кој во моментов е повлечен, но очекува повторно да се врати во собраниска процедура, предвиден е нов модел на државна матура, во која средните стручни училиште ќе полагаат средно-стручна државна матура, соодветно на општо образовните предмети кои што ги слушаат по наставен план и програма. Тој е помал во однос во гимназиските.

Гимназијалците ќе си полагаат гимназиска државна матура и на тој начин и едните и другите ќе можат, доколку сакаат, да се запишат во странство.

-Оние што ќе полагаат средно-стручна матура ќе можат без приемен испит, да се запишат на сродните нивни факултери. Пример: од елетромашинско училиште и на машински и електро, но доколку сакаат да се запишат на медицина или филозофија, тие ќе треба да полагаат државна гимназиска матура. Им олеснуваме на учениците од средните стручни училишта. Тие генерално се согласни.

Знаете дека досега од разни причини, матурските оценки не беа сосема реални. Оваа година предвидуваме во најголем број, матурите да бидат изведени во амфитеатри во факултетите. Со младите се договоривме и за итна кампања за значењето на образованието и вредносниот систем. Тоа ќе биде заедничка кампања, рече Јаневска во присуство на претставници на студентите и средношколците.

Околу иницијативата на МОН да се интонира државната химна во средните училишта, согласно предлог-законот, министерката рече дека целиот закон е повлечен поради таа одредба. Според неа, таа одредба и не е толку важна во однос на суштинските реформи во средното образование.

-Политички теми станаа предмет на толку бурни дискусии. Јас како одговорна министерка и оваа одговорна Влада не можеме да си дозволиме да се вклучи политиката и особено, не во образованието. Нема да си дозволам да поткревам меѓуетнички тензии и тоа не го правевме со законот, но, за жал, ДУИ го искористи на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етничките проблематики во Законот за образование. Ќе продискутираме уште малку на темата, но, доколку не најдеме заеднички јазик, битно е да поминат суштинските реформи во средното образование. Ако е тоа потребно, законот ќе биде вратен и без таа одредба, ако тоа биде неопходно, кажа Јаневска.

Слични содржини