„Има досетливи студенти и останува на нивната чест и совест што ќе направат со ваучерите, ние не можеме да влијаеме на тоа“, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, откако студентите ги продавале ваучерите наменети за техника.
-Проектот беше ветен. Ваучерите им беа ветени на студентите и вообичаено она што сме ветиле, ние и остваруваме. Има досетливи студенти кои на разно разни начини се обидуваат некако да си го олеснат животот. Ние со тоа не можеме да се справиме. Се справуваме со тоа што во образовниот систем внесуваме нови вредности, нови програми, нови теми за обработка и така натаму. Останува на нивната совест и свест да одлучат што ќе направат со ваучерите, одговори Јаневска на новинарско прашање за време на одбележување 70 години постоење на Државното средно училиште со ресурсен центар – „Партенија Зографски“ во Скопје.
Со мерка на Владата, 55.000 студенти добиваат по 15.300 денари за набавка на електронски уред.
Веднаш по објавувањето на повикот, почнаа да се појавуваат „комбинации“ за продажба на ваучерите, по цена и за 10 илјади денари.
„Продавам студентски ваучер за 10.000, износот е 15.300 и се користи само за компјутер, лаптоп и таблет“, „ Продавам ваучер студенски за 12000“, „Продавам ваучер за 11990 ден. кој може да се искористи за pc / лаптоп / таблет“, беа дел од објавите на групите на социјалните мрежи каде што членуваат младите.
📷Ваучерите на Владата за електронски уреди на оглас – се продаваат за 10 илјади денари