Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски очекува годинава да биде заокружена со зголемен број на туристи и ноќевања, како и со раст на девизниот прилив.
Според него, позитивните резултати се веќе видливи.
-Статистичките податоци покажуваат дека бројот на туристите во периодот јануари – јуни 2022 година е зголемен за 75 проценти во однос на истиот период лани. Кај домашните туристи зголемувањето е 25,4, а кај странските 131,3 отсто. Раст има и кај ноќевањата за 66,3 отсто или кај домашните за 29 проценти, а кај странските за 109,2 отсто, рече Јаневски на прес-конференција на која ги презентираше Стратешкиот план и Програмските активности на Агенцијата за 2023 година.
Тој потсети дека вкупниот девизен прилив во 2020 година изнесуваше 252,05 милиони долари и споредбено со 2021-ва кога беа остварени 385,04 милиони долари, евидентиран е раст од 52,76 отсто.
-Очекувањата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2022 година се дека ќе има регистриран раст во поглед на бројот на туристи и ноќевања, како и раст на девизниот прилив по основ на туризам, напомена Јаневски.