Јани најави вистински промени за подобар живот во Пустец

од Vladimir Zorba
158 прегледи

Кандидатот за градоначалник на општина Пустец, Мала Преспа, Панди Јани барајќи ја довербата на жителите на оваа македонска општина во Албанија, порача дека таа заслужува инвестиции и развој на секое поле.

– Мала Преспа заслужува инвестиции и развој на секое поле, се со цел да стане едно ново модерно туристичко и модерно место за живеење. Ветувам и ќе се залагам за одговорна и услужлива администрација. Секој еден жител ќе го добие тоа што му следува по закон. Парите ќе се вложуваат во развој на проекти. Сите села во општината ќе добијат чиста и питка вода за пиење, асфалтирани улици и голем број други проекти кои што се од круцијално значење за туризмот во едно општество, пишува Јани на Фејсбук.

Додава дека со дадената доверба ќе следуваат промени за подобра иднина.

-Потребна ми е вашата доверба, за да во следниот период од мојот мандат направиме вистински промени и општина Пустец да доживее вистински развој и да ја претвориме во едно вистинско, туристичко и модерно место за живеење. Затоа, почитувани Македонци, време е за промени, време е за заедничка победа! Победа за сите! Победа за чиста и модерна општина, наведува Јани.

Во објавата упатува критики до актуелната власт на општината.

-Освен роднинските и партиските вработувања во изминатиов период можеше да се направи многу, но за жал не се направи ништо. Народните пари се трошеа на непотребни работи, а не во инфраструктура, во канализации и во развој на туризмот. Единствено што се направи се залудно фрлените околу пет милиони евра за водоводот, а и од тоа жителите на Пустец не добија ништо. Во исто време, народот не ги добива вистинските услуги кои што му следат од општината. Имено, социјална помош не е правилно распределена, и ја добиваат лица кои што поседуваат по две дури и по три куќи, а не ја добиваат оние кои што навистина имаат потреба од истата, наведува Јани.

Вели дека пари имало, но „не се вложувале во развојни проекти, туку се трошеле недомаќински и завршувале во нечии џебови”.

Слични содржини