Совеста ми е чиста, кривичното дело за кое ме обвинува обвинителството не сум го сторила. Во оваа постапка имате доволно докази и имате капацитет и да ја донесете единствената можна пресуда која во овој случај е ослободителна , рече ексминистерката Гордана Јанкулоска во завршниот збор за предметот “Таргет-тврдина” и побара ослободителна пресуда.
Во сведочењето Јанкуловска го опиша прислушкувањето како незаконско, монструозно, нелегално, злоупотреба на овластувањата и слично. Таа вината ја префрли на Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во УБК кој е обвинет и кому му се суди во отсуство. Јанкулоска потенцираше дека немала никаква комуникација со Грујевски.
-Се потврдува дека Горан Грујевски немал никаква комуникација со мене, може да се заклучи дека се работи за лажно повикување на туѓ авторитет преку кое Горан Грујевски сакал час поскоро да си ја заврши целта што си ја имал. Која би била логиката министерот да дава насоки до правниот сектор кој хиерархиски е веднаш под министерот, а тие насоки да ги дава преку некој вработен во УБК. Секогаш имало и ќе има луѓе што не избираат начин како да си ја остварат својата цел, како што произлегува и од доказите дека направил Горан Грујевски, истакна Јанкулоска.