Јанкулоска за застарувањето на дел од „Талир 1“: До правниците е кои во сè гледаа математика, тераа политика и си кркаа незаконски бонуси

„СЈО беа “црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7“, вели екс-министерката за внатрешни работи

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Алфа Тв

Застаре дел од предметот „Талир 1“ за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, за кое се гонеа екс-премиерот Никола Груевски и Кирил Божиновски, при што остана само кривичното дело за перење пари. По тој повод, се огласи поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Оценува дека застарел дел од предмет што, како што вели, ниту можело ниту требало да биде предмет на кривично гонење ако барем некои од оние кои се занимавале со него се држеле до законот, правдата и правото, а не се воделе од политички диктати

-СЈО и сите таму, беа “црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7. Се занимаваа со се освен со тоа за што беа формирани. Водеа кадровска политика во политичките партии преку политички прогон, “билдаа” партиски рејтинзи за изборни цели, преку закани и притисоци одбираа владини партнери не според освоени гласови туку според дневно политички потреби, и сега проблем бил Кривичниот законик од 2023 (кој сам по себе е тема за посебна дебата), пишува екс-министерката.

Според неа, не е ниту до тој ниту до било кој друг закон.

-До правниците е, кои во се гледаа математика и тераа политика, си кркаа незаконски бонуси и десет години парадираа до судовите како холивудски ѕвезди и градеа метеорски кариери ама не заради резултати или квалитет туку заради сервилност кон претходната власт, објави Јанкулоска.

Обвинителката Ленче Ристоска вчера дека не постојат правни пречки да се гонат обвинетите за делото „перењето пари“ во овој случај за коешто застареноста согласно закон настапува во 2035 година. Покрај Груевски и Божиновски, обвинети се и Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески.

Судскиот процес започна во 2019 година.