Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во завршните зборови за случајот „Таргет-тврдина“ два часа зборувала и правела анализа на доказите за кои вели дека се паушални и неиздржани.
Во својата одбрана, таа целата вина ја префрли на Комисијата формирана во УБК која направила попис, донела решение и ја уништила опремата за прислушување, а таа ја потпишала рутински, бидејќи највисоките правници во МВР не увиделе и не и посочиле дека незаконски ќе се уништува опрема надвор од процедурата, поради тоа што не била застарена.
„Јас најмалку имам мотив да помагам на некој што направил монструозен чин на прислушување. Моето семејство и јас претрпевме и се уште трпиме последици и на личен и на професионален план од прислушувањето. Објавувањето на приватни комуникации и разговори кои и денес се присутни и тоа што трае медиумскиот линч кон мене, се само дел од последиците кои ги трпиме. Поради тоа што сум дел од оние кои биле прислушувани, имам многу силен мотив сторителите да бидат казнет“, рече Јанкулоска во завршен збор.
Таа уште еднаш потенцира дека станува збор за злоупотреба заради незаконско прислушување на илјадници граѓани, додавајќи дека е една од жртвите на процесот и една од најдолго прислушкуваните, 24 часа на ден, со над 26.000 прислушкувани разговори и којзнае колку СМС пораки.
Јанкулоска, повикувајќи се на изјави на сведоци дадени во текот на судскиот процес објасни дека Комисијата не работела самостојно, туку по насоки што ги давал Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во МВР кој е во бегство. Јанкулоска потсети на сведочењето на раководителката на правната служба Весна Доревска, пред да биде поднесен предлогот од УБК, дека Горан Грујевски се јавил во правниот сектор со забелешка дека не постапиле по нивното барање, но откако била направена проверка на деловодните книги се утврдило дека немало такво барање. Јанкулоска рече дека, дури откако вработена во УБК инервенирала во правната служба и откако настанала расправија, правниците го направиле решението за Комисијата, а дека тогашната министерка, немала никаква комуникација со Правниот сектор, ниту пак можела да знае дека станува збор за опрема за следење на комуникации, тоа не било наложено во решението за формирање на комисијата, што го потпишала министерката.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.
Судењето е во тек со завршни зборови на одбраната.