Словенечкиот премиер Јанез Јанша денеска го обвини комесарот на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ за ширење „лажни вести“ затоа што во својот извештај ја критикуваше состојбата со медиумските слободи во Словенија.
„За жал, Дуња Мијатовиќ е дел од мрежата на лажни вести. Таа е добро платена со наши пари“, напиша Јанша во објавата на англиски на Твитер.
Во извештајот објавен кон крајот на минатата недела, Мијатовиќ ја повика словенечката влада да го сопре влошувањето на состојбата во областа на слободата на медиумите и слободата на изразување.
Во извештајот што го даде по посетата на Словенија и разговорите со неколку високи функционери, таа ги наведе малтретирањето и заплашувањето на новинарите како проблеми во Словенија и тужбите против некои од нив, предупредувајќи дека некои активности на словенечката влада можат да ја нарушат независноста, кредибилитетот и финансиската стабилност на јавните медиуми.
Словенечкиот премиер Јанша, кој дојде на чело на Владата по трет пат во март минатата година, откако претходната влада се повлече од власт, водеше своевидна вербална војна со новинарите обвинувајќи ги дека дејствуваат во интерес на „екстремната“ левица предизвикуваат пад на владата и тие се спротивставуваат на нејзиниот „авторитарен“ стил и се обидуваат да влијаат врз независните државни тела.