Дали се враќаат „духовите од минатото“: „Хашките случаи не застаруваат, партиите ќе ги користат во предизборието за глас повеќе“

од Nikola Popovski

Дали се враќаат духовите од минатото? Ова може да се сфати од дописот на Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ до македонската влада, упатен на 15 јануари 2024 година на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски. Таа бара да се поништи амнестијата за Хашките случаи. -Да се ​​укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги префрли на домашните судови, се вели, меѓу другото во препораките на Мијатовиќ. На Ковачевски таа му препорачувала и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи.

Дел од партиите реагираа на ваквата препорака и побараа да се поништи амнестијата, но останува прашањето дали е можен ваков чекор, особено ако се знаат политичките математики и веќе скорешниот почеток на предизборието? Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски потсетува дека амнестијата на Хашките случаи дојде постизборно како услов на ДУИ преку автентично толкување на Законот во Собранието како услов без кој ДУИ не прифаќаше да учествува во владата на Никола Груевски после парламентарните избори во веќе далечната 2011 та година.

-Многумина експерти и тогаш велеа дека таков тип на воени злосторства и злосторства против човештвото не застаруваат и покрај овој закон. Еве 13 години подоцна, високи релевантни институции како Советот на Европа, реагираат истите да се поништат. Сепак, политизацијата на истите и партизацијата на македонските судско-обвинителски органи, ни дава за право да бидеме претпазливи во однос на тоа дали може да се случи правосудна разврска кај нас и покрај тоа што може да се случи истите да бидат поништени и вратени како предмети во нашиот правосуден систем, оценува Атанасоски за „Локално“.

Благојче Атанасоски

Според него, одредени политички партии можат да го користат ова во предизборната кампања за да добијат политички поени и гласови плус повеќе од постојните, но тоа не дава до значење дека може истите да имаат некоја реална можност да ги ефектуираат во правосудниот систем и инстанци во Македонија.

-Едноставно, тие Хашки случаи се директно насочени кон водството на ДУИ и доколку бидат процесуирани, оваа политичка партија би паднала во заборавот и на маргините, а во моментов гледаме дека се уште е најмоќна владејачката партија од т.н албански политички блок, во континуитет цели дваесет и две години, посочува аналитичарот.

Атанасоски е дециден дека најмалку СДСМ, а уште повеќе ДПМНЕ би поддржале ваков развој на настаните бидејќи и двете зависат од директна коалиција за постизборно владеење со ДУИ.

-И покрај тоа што ДПМНЕ вели дека ќе ја испрати ДУИ на буништето на политичката историја, сметам дека би калкулирала со постизборните резултати и не би влегла во „авантура“ да си игра со политички оган и да ги упропасти и онака малите шанси за постизборно владеење со ДУИ, особено ако резултатите го наложат ДУИ пак, како не заобиколен фактор на македонската политичка сцена за коалициски партнер, подвлекува соговорникот.

И аналитичарот Александар Ристевски не очекува отворање на четирите случаи пред изборите, но, по изборите, можеби.

-Јас лично сум за. Амнестирање на луѓе кои биле вклучени во конфликтот, е разбирливо. Но, оние кои направиле воени злосторства, секако треба да одговараат. Таквите случаи не застаруваат и не треба. Амнестијата која беше дадена, беше неминовна во тој политички контекст тогаш, за да државата може да функционира. Сега околностите се променети, плус се доведовме во ситуација да агресорите станат апсолутна власт, а бранителите маргиналци, истакнува Ристевски во разговор за „Локално“.

Александар Ристевски

Тврди дека постои можноста, помалите партии да се обидат да пoeнтираат и на овие теми.

-Демократски сојуз не го гледам како партија која би терала на изборите самостојно (истото би значело нејзино згаснување). Верувам дека ќе бидат дел од некоја коалиција, а ќе пробаат себеси да се факторизираат токму со оваа тема. Левица има популистички пристап да отвора теми за кои другите не сакаат да зборуваат, но тоа е така кога немате власт, или не сте добитна опција, па ја имате комоцијата да ветувате се и сешто. Прашање е дали планирате да испорачате и дали ќе бидете во таква ситуација. Ова не треба да е дел од кампањите, за да не се подгреваат меѓуетничките теми, но сепак, ова е тема поврзана со владеење на правото и правната држава, така да, се е можно, оценува аналитичарот.

Вели дека е сигурен оти ДУИ ќе бидат против, како и актуелната опозиција кај македонските Албанци.

-ВМРО ДПМНЕ би можело да го иницира овој процес, но со самото тоа би нанело штета на сегашната опозиција во албанскиот блок партии. Во основа, сето ова ќе зависи од тоа колку пратеници ќе има ВМРО ДПМНЕ и дали партиите кои не се со албански предзнак ќе бидат пресуден фактор во Владата. Од СДСМ очекувам не да биде конструктивен, туку да ја злоупотреби темава за сатанизирање на идната власт. Во основа, парламентот треба само да констатира, а во една нормална држава, постапките треба да ги води обвинителството и секако судството. Да се надеваме дека ќе бидеме нормална држава, во скоро време. Сега, не сме, заклучува Ристевски.

На 19 јули 2011 година Собранието со 63 гласа „за“ и 29 „против“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.

Станува збор за четири случаи насловени како „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година, одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.

Пред обвинителството се најде само случајот „Мавровски работници“, но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.

Н.П.

Слични содржини