Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, рече дека ЕУ не е единствениот инвеститор на Западен Балкан, туку има конкуренти како Кина, Русија и Турција кои не поставуваат услови за инвестиции.
„Тие земји не поставуваат услови за инвестиции, додека ЕУ тоа го прави со голем број европски стандарди, што е во ред ако има светло на крајот од тунелот. Но, ако не се гарантира перспективата за членство во ЕУ, тогаш мислам дека ќе почнеме да губиме во таа конкуренција“, рече Јанша во интервју за бриселскиот „ Еуроњус“.
„Има една голема предност од наша страна: членство во ЕУ. Мислам дека никој или речиси никој од Западен Балкан не сака да биде дел од Кина, Русија или Турција. Тие сакаат да бидат дел од ЕУ. Но, ако таа перспектива не е реална, тогаш го губиме моментумот и се наоѓаме во клучен момент“, додаде тој.
Во интервјуто што го даде на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, Јанша оцени дека напорите на Европската комисија да ги принуди членките како Полска и Унгарија да ги почитуваат основните вредности на Унијата „се блиску до кршење на владеењето на правото “.
„Имаме повелба на ОН за човекови права. Ја имаме Европската повелба за човекови права, но, особено во Европскиот парламент, секој може да додаде на таа листа што сака“, рече тој.
„Значи, тоа е политички злоупотребен термин и се користи за политичка борба“, додаде словенечкиот премиер.
Според него, додека Европскиот парламент е политичко тело, Комисијата, според Договорите на ЕУ, треба да остане надвор од политичките борби.
Јанша вели дека тоа било случај додека Комисијата била предводена од |ан-Клод Јункер, но дека тоа се променило кога Урсула фон дер Лeјен го презела мандатот.
„Мислам дека е близу до кршење на владеењето на правото, бидејќи Комисијата мора да биде чесен посредник“, додаде Јанша.
Словенечкиот премиер посебно ја посочи потпретседателката на ЕК, Вера Јурова, која заедно со комесарот за правда Дидие Рејндерс, во јавноста е препознаена како најодлучувачка кога станува збор за напорите на Комисијата да обезбеди почитување на vladeeweto на правото.
Тој ја обвини Јурова за „давање изјави кои јасно го кршат Договорот за ЕУ“. „Но, таа е поддржана од европскиот печат. Така, таа ќе продолжи со тоа. Ако тоа се случеше пред 15 години, мислам дека немаше да остане дел од Комисијата една недела. Правилата тогаш беа јасни “, истакна премиерот.
Говорејќи за стратешката автономија на ЕУ и нејзината улога како глобален играч, Јанша повика на продолжување на партнерството со САД, вклучително и НАТО.
Тој, сепак, додаде дека НАТО и САД „нема да ги решат проблемите и конфликтите во нашиот двор и нашето соседство“, односно на Западен Балкан, Медитеранот и Африка.
Словенечкиот премиер смета дека ЕУ треба повеќе да се фокусира на обезбедување на своите надворешни граници, наместо на „испраќање пари и хуманитарна помош, која потоа завршува во рацете на терористите или воените команданти“.
Што се однесува до Авганистан, Јанша рече дека ЕУ е должна да им помогне на оние што и помогнале, мислејќи на оние кои работеа за европските дипломатски мисии и кои беа евакуирани заедно со граѓаните на ЕУ, но дека „нема простор за десет милиони Авганистанци во Европа“.
Додаде дека ЕУ „нема да ја повтори грешката што некои земји ја направија во 2015 година по војната во Сирија“.