Јануари нова опција за старт на преговорите со ЕУ

од Берта Китинска
191 прегледи

Се надевам дека наскоро ќе имаме соговорник, во однос на политичка влада кај комшиите, изјавата на Петков охрабрува и на некој начин е реална. Треба да сме блиски, да се разбираме, нашето достоинство да го почитуваат, нивното достоинство ние да го почитуваме, вели Никола Димитров, потпретседател во Владата за евроинтеграции во ТВ24.

-Проблемот трае веќе две години.Односите се изместија, мислам дека е крајно време да се обидеме да ги вратиме односите кон добро. Влогот е огромен, за македонско-бугарското пријателство бидејќи на некој начин сегашната политика на уцена на блокада и вето не раздалечува. Европската приказна бледнее, се појавуваат тензии затоа што драстичноста на македонската европска приказна е највисока, ние сме тие кои и покрај нашите мани добиваме највисоки оценки, ние имаме повисоки оценки и од земјите кои се со години во преговори. Интересот и вниманието расте и во Вашингтон. Не можеме да градиме пријателство со Бугарија ако се гледаме како противници, вели Димитров.

Тој вели дека фокусот за договор со Софија за надминување на разликите е на декември, тој периодот е краток и затоа не се исклучува и јануари како опција за датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.

Тој потенцира дека актуелниот претседавач со ЕУ, Словенија има стратешки интерес „да го мрдне регионот кон Европската Унија“, потсетувајќи дека по неа претседавањето со ЕУ го презема Франција, каде на пролет се предвидени претседателски избори.

– Иако преференцата е декември, од неколку главни градови во Европа слушам дека и јануари сепак останува како можност да се успее, што ни дава можеби малку повеќе време, иако мислам дека фокусот треба да ни биде на декември, изјави Димитров за ТВ 24.

Во пресрет на Самитот на ЕУ во декември утре во Скопје ќе престојува австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт, а исто так утре во дводневна посета на земјава ќе допатува полскиот претседател Анджеј Дуда. Една од главните теми на нивните средби со домаќините во Скопје, ќе биде токму европската перспектива на земјава.

Слични содржини