Јанушев добил на подарок градежно земјиште во вредност од 325.000 евра

од Nikola Popovski
695 прегледи

Новиот генерален секретар на Владата, Игор Јанушев пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.

Поранешниот пратеник и екс-директор на ЈСП, Скопје, Јанушев на крајот од минатата година купил возило lexus во вредност од 15.000 евра со датум на производство во 2013 година. Владиниот секретар пријавил и една трансакциска сметка и две кредитни картички.

Во септември минатата година беше неправосилно осуден на две години затвор за случајот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за јавниот превоз во Скопје во 2010 година. Изрекувањето на пресудата падна во сенка на измените на Кривичниот законик. Повисокиот апелациски суд ја поништи првостепената пресуда, што автоматски значеше и политичка рехабилитација на Јанушев.

Јанушев во „Дизајн“ се гонеше како член на Комисијата за јавни набавки при Министерството за транспорт и врски, каде што беше вработен кога се правеше јавната набавка на двокатните автобуси од Кина.

Со него беа обвинети уште две други членки на Комисијата, како и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Меѓутоа, Јанакиески и двете обвинети на првото судско рочиште што се одржа на 10 март лани признаа вина и веднаш добија условни казни, па судењето продолжи само за Јанушев.

Слични содржини