Она што вчера се случи во Собрание беше циркус, во однос на славењето и триумфализмот. Тоа е една политичка и лична неизживеаност. Зборуваме за партија која 22 години е на власт, а цели шест години раководи со државата. Сега нешто во јавност покажуваат дека нешто Бог знае што се случило и од тоа се прави театар. Секој има право да прави тоа што сака – се виде во државата, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев за вчерашното гласање на техничката влада и славењето на ДУИ.
Според него, „пиењето, пушењето и пеењето што вчера се случувале во Собранието е небаре мислиш Македонија освоила Светско првенство во фудбал“.
Јанушев посочи дeка од оваа техничка влада не може да се очекуваат реформи, бидејќи оваа е преодна влада од 3 месеци која ќе има за цел да го организира изборниот процес.
-Ова е техничка влада која има за цел да организира фер избори. Од оваа влада ние не можеме да очекуваме реформи, ниту да ја води државата, туку ќе биде за организирање на изборниот процес, изјави Јанушев во емисијата „24 анализа“.
Тој нагласи дека не може да се согласи со изјавите дека Џафери немал скандали и афери, потсетувајќи дека речиси на сите собраниски седници го прекршил Деловникот за работа на Собранието, како и дека ги навредувал вработените собраниски службеници за кои слушна целата јавност.