Јанушев обелодени како го добил подарокот во вредност од 325.000 евра

од Nikola Popovski
2,8K прегледи

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев открил од каде му е подарокот кој што е впишан во најновиот анкетен лист доставен до ДКСК, кој предизвика голем број реакции во јавноста. Јанушев информира дека  станува збор за подарок од родителите.

-Очекувам позитивен исход и се радувам што Антикорупциската комисија ќе може да се увери дека се е чисто. Станува збор за движен и недвижен имот подарок од родителите, кој и претходно е пријавен и во ова нема ништо спорно, ниту пак е нешто ново, изјавил Јанушев за ТВ 24.

Јанушев пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.

Вчера од Антикорупицската комисија за „Локално“ информираа дека веќе оформиле предмет за проверка на имотот на генералниот секретар на Владата. Наведуваат дека предметот е врз основа на доставена пријава од Управата за финансиско разузнавање.

-Ве известуваме дека од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е оформен предмет за проверка на имотот на Игор Јанушев, а врз основа на доставена пријава на надлежно постапување од Управата за финансиско разузнавање, која до Управата била поднесена од непознат подносител. Во пријавата се бара проверка на имотот на лицето Игор Јанушев, поранешен директор на ЈСП Скопје, за кој имот се наведува дека не го пријавил во анкетниот лист поднесен до ДКСК. Во рамки на наведениот предмет ќе биде извршена проверка и на имотот за кој што прашувате, порачаа антикорупционерите за подарокот.

Од опозицијата, пред се од СДСМ, бараа ДКСК и Обвинителството подетално да го истражат случајот. Исто така од премиерот Христијан Мицкоски да го разреши Јанушев и да нареди итна истрага на потеклото на неговиот имот.

Токму Јанушев беше првиот активен функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој ги почувствува придобивките од измените на Кривичниот законик под знамето на ЕУ. Тој беше осуден на условна казна за купувањето на кинеските автобуси за потребите на ЈСП Скопје. Бришењето на ставот 5 од членот 353 значеше дека ќе нема затворска казна од најмалку пет години за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.

Слични содржини