Јанушев пријавил 4 стана во Скопје, куќа во Охрид и два автомобили

од Vladimir Zorba
1,3K прегледи

Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ (или неговата сопруга) во анкетниот лист за имотната состојба навел дека тој и сопругата имаат имот во вредност од 300.000 евра или четири стана во Скопје, куќа во Охрид и два луксузни автомобили, пишува Батали.нет.

Целиот имот е во сопственост на сопругата на Јанушев, освен еден стан, кој е заеднички имот и еден автомобил, кој е единствениот имот што го поседува 36-годишниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ. Тој и неговата сопруга двата стана ги стекнале во две години – два во 2009 и два во 2012 година. Тие две години се најплодните за ова семејство, бидејќи прво во 2009 година добиле на подарок еден, а купиле уште еден стан, а истото тоа им се повторило и три години подоцна.

На веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) можат да се најдат два анкетни листови за Јанушев – еден кога бил директор на ЈСП Скопје и уште еден сега, кога стана пратеник во Собранието. Споредувајќи ги двата анкетни листови, се забележува дека заминувањето на ВМРО ДПМНЕ во опозиција не влијаело на тоа, Јанушеви да не ја зголемат својата имотна состојба.

Токму во 2017 година, Јанушев купува автомобил Лексус произведен 2013 година, кој го проценува на 15 илјади евра, а две години подоцна неговата сопруга се подновува со нов, луксузен Нисан Кашкаи од близу 24 илјади евра. Оваа 2020 година семејството Јанушеви добива уште еден подарок – куќа во Охрид од 50 м2, подарен на сопругата на Јанушев.

Инаку Јанушев се сомничи за злоупотреба на службената положба при набавката на двокатните автобуси од кинеската компанија Јутонг во случај на СЈО.

Четири лица, Јанакиески, Снежана Филиповска Павлеска како претседателка на Комисијата за спроведување на јавни набавки, Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова, како членови на комисијата при набавката на двокатните автобуси за град Скопје ги искористиле своите службени положби и овластувња и за компанијата Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи штета на Буџетот на Македонија од 5 милиони евра, смета СЈО.

Јанакиевски како министер, се вели во информацијата на СЈО, поништил две постапки за јавна набавка на спорните автобуси на кои конкурирал Јутонг без да ги исполнува условите на тендерот. За да го фаворизира Јутонг, министерот повторно донел решение за набавка на 202 автобуси во кое, спротивно на чл.161 од Закон за јавните набавки, во критериумот економски најповолна понуда, покрај елементот цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, елемент кој инаку не е предвиден во законот, и за истиот во огласот навел дека носи 20 бода.

„На огласот се јавиле два економски оператори, Јутонг од Кина и Кинг Лонг од Бугарија, по што осомничените (претседателот и членовите на комисијата), при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор Јутонг, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција пак која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б” кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).

Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди.

Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поефтина за 5 милиони евра од понудата на Јутонг.

Министерот Јанакиевски, бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг“, велат од СЈО.