ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесува кривични пријави против лицата Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување“ по член 353, „Злосторничко здружување“ по чл.394 и „Саботажа“ по чл.315 од КЗ.

„Џафери, Ибраими и Костовски, свесно и со целосна умисла извршиле низа кривични дела при што ја злоупотребиле службената положба и овластување и го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата. Истите на нечесен и подмолен начин, спротивно на уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од Претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност“, рече Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Појасни дека, Законот за двојазичност во Службен весник е пратен само со потпис на Талат Џафери, што е правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија.
Џафери не можел и не смеел да го испрати законот за објавување, а Ибраими, во својство на техничка служба немал никакво овластување да потпише. Костовски е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на Претседателот.
Џафери, Ибраими и Костовски извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот.