Јапонија: Ерупцијата на вулканот Сакураџима не ја оштети нуклеарната централа

од Nikola Popovski
240 прегледи

Јапонските нуклеарни регулаторни тела денеска објавија дека не се откриени неправилности во нуклеарната централа Сендаи по ерупцијата на блискиот вулкан Сакураџима.

Нуклеарната централа на западниот јапонски остров Кјушу се наоѓа на околу 50 километри северозападно од Сакураџима, вулкан чија ерупција е регистрирана денеска околу 20:05 часот по локално време, објави Ројтерс.

Два часа по ерупцијата, портпаролот на јапонската влада изјави за новинарите дека владата не добила информации дека е предизвикана некаква штета од ерупцијата.

По ерупцијата на вулканот, предупредувањето е подигнато на петтото, највисоко ниво, а жителите на одредени области биле советувани да се евакуираат, јави телевизијата „NHK“.

Таа телевизија подоцна објави дека досега се евакуирани 51 лице.

„NHK“ објави дека вулкански камења паѓаат на оддалеченост од 2,5 километри од вулканот.

Видеото покажува нешто што изгледа како црвена маса која тече на едната страна од вулканот и чад.

Сакураџима е еден од најактивните вулкани во Јапонија.

Слични содржини