Јапонија ги прошири индивидуалните и извозните санкции против Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Денеска Јапонија ги прошири индивидуалните и извозните санкции против Русија поради нејзиниот напад врз Украина.

Извозните санкции, со кои е опфатена и Белорусија, беа воведени за 90 субјекти, а беше донесена одлука за замрзнување на имотот на 57 руски физички и шест правни лица, соопшти денеска јапонското Министерство за финансии, пренесува ТАСС.

Меѓу останатите, на „црната листа“ се додадени рускиот вицепремиер Дмитриј Григоренко, Сергеј Ролдугин, познат виолончелист и бизнисмен, заменик-шефот на цивилно-воената администрација во окупираната област Керсон во Украина, Кирил Стремусов и семејството на Алексеј Мордашов, извршен директор на „Северстал“, најголемата рударска компанија во Русија.

На црната листа се додадени и 45 руски воени лица, пренесува „Танјуг“.

Јапонската влада исто така забрани увоз на руско злато, како и пружање на ревизорски, консултантски и брокерски услуги во Русија, соопшти јапонското Министерство за финансии.

Наведените забрани ќе стапат на сила на 5 септември, а деталите за забраната за увоз на злато ќе бидат објавени подоцна, прецизираат од Министерството.

Јапонија претходно воведе неколку пакети санкции против Русија, во кои беа опфатени повеќе од 800 луѓе од Русија, Белорусија и самопрогласените Доњецка и Луганска Народна Републики во Донбас.

Тие влијаат на над 200 руски и белоруски компании и организации, додека списокот на стоки и технологии забранети за извоз во Русија вклучува повеќе од 300 артикли, пренесе ТАСС.

Слични содржини