Системот е инсталиран на тестниот воен брод JS Asuka, со тежина од околу 6.200 тони, со што земјата влегува во тесниот круг држави кои развиваат оружја со насочена енергија.
Станува збор за ласерски систем кој комбинира десет поединечни ласери со моќност од по 10 киловати во една концентрирана зрака од 100 киловати. Таа е доволно силна да продре низ метални површини, што го прави оружјето ефикасно против дронови, минобацачки гранати и слични закани од воздух.
Ласерот функционира како оптички систем, при што светлината се засилува и фокусира додека патува низ специјално оптичко влакно збогатено со ретки хемиски елементи. Инженерите го развиле системот првенствено како дел од противвоздушната одбрана на бродовите.
Јапонската Агенција за набавки, технологија и логистика (ATLA) потврди дека системот бил инсталиран на JS Asuka по пристигнувањето во бродоградилиштето Japan Marine United. Ласерот е сместен во два куполести модули со должина од околу 12 метри, а наскоро треба да започнат и првите тестирања во реални поморски услови, по 27 февруари.
Развојот на ова оружје започнал во 2018 година, а прототипот бил испорачан од Kawasaki Heavy Industries во февруари 2023 година. За време на презентацијата, официјални лица истакнале дека „доколку има доволно електрична енергија, системот може континуирано да дејствува без да остане без муниција“. Единственото ограничување, како што нагласуваат, е достапната енергија, додека трошокот по „истрел“ е значително понизок во споредба со класичните противвоздушни системи.
Во текот на копнените тестирања спроведени во 2025 година, системот покажал висока ефикасност против дронови и минобацачки гранати. Следната фаза, сепак, ќе биде покомплексна, поморските услови носат предизвици како ветер, влага, нестабилна платформа и атмосферско распрснување на ласерската зрака.
Оружјата со насочена енергија се соочуваат и со други технички ограничувања, меѓу кои потребата од силно ладење и голема електрична моќ. Дополнително, ефикасноста на ваквите оптички ласери обично изнесува меѓу 25 и 35 проценти, што претставува сериозен инженерски предизвик, особено на бродови.
Иако оперативната употреба сè уште е далеку, јапонските власти сметаат дека овие тестирања ќе покажат дали во иднина може да се развијат уште помоќни ласери, способни и за пресретнување проектили.
Со овој проект, Јапонија им се придружува на САД, Франција, Германија и Обединетото Кралство во развојот на ласерско оружје. Единственото јавно планирано распоредување на ваков поморски ласерски систем засега се однесува на идните јапонски бродови со напредната одбранбена платформа „Aegis“, кои се очекува да влезат во употреба по 2032 година.