Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи го писмото потпишано од високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него.
„Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“,коментира првиот човек на интегративците.
Според Ахмети, ова не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.
„Не е местото каде што треба да влезам и да ги елаборирам моите спомени од 20-годишното владеење со ДУИ, бидејќи имало моменти на незадоволство и секогаш имало дебати и, пред сè, тоа е вредност на која јас инсистирав 20 години по ред, работите да се кажуваат отворено, јавноста да знае отворено за позициите на спротивставените мислења“, вели Ахмети.
На новинарско прашање како ќе се одрази ова барање на дел од членовите на ДУИ меѓу кои има и двајца пратеници, Ахмети со одговор дека ќе се работи на менаџирање на ситуацијата.
„Пратениците не верувам дека ќе ја ризикуваат иднина на генерациите. Ова е дневна политика. Не е нешто што не може да се менаџира и да се надмине. Ние не отстапуваме од нашата платформа. Секогаш имало незадоволство и дебати и сум бил отворен за предлози и мислења. Поголем дел од ДУИ не сака анархија, сака правила, мир и дебата“истакна Ахмети.
Прашан дали во 2023 година ќе има нов избор за претседател на партијата, Ахмети со одговор дека не завршил со неговата мисија.
„Јас не сум функционер, јас сум мисионер, мојата мисија сѐ уште не е завршена. Ќе ме „имате на врат“ и наредните четири години“, рече Ахмети.
Истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку писмо побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“. Тие го обвинија вицепремиерот Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања, дека дилетантски се однесувал со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело, што резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Со допис до медиумите дваесетина членови на ДУИ обвинуваат дека веќе два години во партијата не се формираат статутарни партиски органи, дека нема внатрепартиска дебата, ниту отчет за сработеното.
Тие велат дека партиски кадри се избираат по привилегија на Артан Груби.
Затоа потпишаните, меѓу кои Изет Меџити, Невзат Бејта, Муса Џафери, Висар Ганиу, Башким Хасани и други, бараат од претседателот на ДУИ, Али Ахмети да го искористи својот политички суверенитет и да најде решение за зачувување на партиското единство..