Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок изјави денеска во Кишињев дека Молдавија би можела да биде „следна на ред“ доколку Украина падне и дека поддршката за Украина го гарантира нејзиниот опстанок.
– Се што правиме за да ја поддржиме Украина значи и поттикнување на стабилизација во Молдавија. Јасно е што е најголемата грижа: ако Украина падне, Молдавија е следната земја во редот, рекла Бербок за време на посетата на Кишињев, каде што присуствува на платформата за молдавско партнерство заедно со претставници на Франција и Романија, пренесува Ројтерс.
Молдавската претседателка, Маја Санду истакнала дека земјата сè уште се соочува со сериозни предизвици и ги повика партнерите да ја зголемат својата поддршка.
– Војната на Русија против Украина, која ја осудивме првиот ден, нанесе огромна штета на нашата економија. Неизвесноста предизвикана од војната продолжува сериозно да го кочи нашиот економски развој и ќе го попречува се додека трае војната, навела Санду.
Молдавската платформа за партнерство беше лансирана од Германија по почетокот на војната во Украина во 2022 година.