Јавна расправа: Четири тарифи за скапа струја, броилата ќе се читаат на секои 35 дена

од Берта Китинска

Скапата струја ќе биде поделена во четири блока. Со новиот тарифен модел броилата ќе се читаат на секои 35 дена, а домаќинствата се бројат според регистрираното броило, не според бојот на членови кои го сочинуваат, ова денеска беше соопштено на јавна расправа организирана од страна на Регулаторната комисија за енергетика каде беа презентирани анализите подготвени од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија.

Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски посочи дека презентираниот модел на блок тарифи на првичната јавна расправа засега е најсоодветен и дава добри резултати, но најави дека ќе има уште две или три јавни расправи на кои експертите ќе можат да ги кажат своите забелешки.

-Можеби од нивните анализи ќе произлезе дека треба да има три блока или првиот блок да биде до 180 киловат часа, рече Бислимоски и додаде дека сакаат да бидат сигурни дека новиот концепт ќе ги даде резултатите што се бараат од него.

Главната цел на концептот, како што кажа, е да се рационализира потрошувачката на електрична енергија и оние што трошат повеќе да плаќаат по повисока цена, но и да ја подобрат енергетската ефикасност.

-Целта е да испратиме сигнал до потрошувачите што многу трошат да ја намалат потрошувачката, иако кај нив има најголем процент на наплата, и да вградат енергетско ефикасни уреди. Како држава во целост не можеме да ги обезбедиме потребите со електрична енергија. Прв чекор за ставање ред е воведување на блокови за да се намали вкупната потрошувачка и да му се остави простор на ЕСМ да биде многу поактивен на пазарот на мало за да може да заработува, потенцира Бислимоски.

Слични содржини