„Јавна соба“ во нова верзија тероризира Ромки од Македонија: Додека Корлеоне, Мачо и Бајрон се сликаат во скапи коли здружение и МВР кажуваат како може да се пријави, но дали ќе има резултат?

од Илинка Илиоска
660 прегледи

Анонимен Корлеоне кој го „лајкнал“ Конзулатот на Косово во Штутгарт и сака мерцедес бенз, еден Мачо кој на албански јазик се фали „Мерцедес е задоволство. Мерцедес е мерцедес“ со видео како вози и ужива, а на другиот негов профил се слика со очила за сонце на кои се гледаат рефлекси од раскошни палми и пишува дека работи за Ф.К. Реал Мадрид и живее во Шпанија. И Бајрон со впечатлива тетоважа на неговиот врат и статус на Фејсбук дека е оженет, се слика и пред скапо БМВ, на неговиот профил споделува видео како со многу долга бургија дупчи таван додека работи како хаусмајстор. Продава Корг клавијатура на германска веб страница  и во таа објава објаснува и дека ДДВто зависи од локацијата на доставата. На 11 јуни 2023 година се „чекирал“ во Кусел, град во округот Кусел во Рајнланд-Пфалц, Германија. Си споделил и видео “ Ново филмско издание 2024 година“ во кое глуми каратист.

И додека тие се фалат со  привиден луксуз, скапи коли и многу пари во рацете на една лажна фотографија, тероризираат Ромки од Македонија. Нивните вистински профили и имиња кои ги користат на Интернет се познати и на Локално и на полицијата.

Тие, од 2020 година се администратори и модератори на Фејсбук група, а најверојатно истите раководат и со Телеграм групата за кои Локално има сознанија, но во интерес на жртвите и заштита нивните идентитети и превенција од двојна виктимизација сè уште не ги објавуваме јавно.

„Јавна соба“ во нова верзија: Администратори делат експлицитни содржини од девојки, меѓу кои и од малолетнички

Групите се по шемата на “Јавна соба“, а овие администратори преку нив, на нивните 8800 следбеници им споделуваат експлицитни фотографии и видеа од девојки од  Македонија, меѓу кои, како што посведочи девојка од Скопје за Локално, злоупотребуваат и многу малолетнички.

Групата на Фејсбук не е јавно достапна. Има знакче дека прима членови кои се полнолетни, не прифаќаат лажни профили.

Девојката која е нивна жртва, со која Локално има контакт, кажа дека мисли дека еден од нив живее во Германија, но не знае кој им ги праќа фотогрфиите и виедата кои тие ги споделуваат без да имаат одобрение за тоа.

Локално веќе објави дека таа два пати го пријавила овој злостор во полициска станица.

“Два пати во полициска станица пријавував дека некој без моја дозвола споделува фотографии на интеренет, ми рекоа дека не преземаат такви случаи“

„Пријавив дека без моја дозвола споделуваат интимни фотографии на Фејсбук и Телеграм група, но ми рекоа дека не преземаат такви случаи. Требало да се собереме повеќе девојки за да може да се почне истрага“, посведочи таа.

Полицијата има увид во групите, но дали законските пречки ја забавуваат истрагата

Од МВР за Локално изјавија дека „Секторот за компјутерски криминал нема ингеренции за бришење на профили и групи на социјални мрежи. За истото надлежна е Дирекцијата за заштита на лични податоци.“

Иако претходно редакцијата доби ваков одговор: „Од наша страна ќе бидат разгледани посочените групи и доколку истите се активни и има јавно достапни содржини, односно доколку на истите има објавување на слики со експлицитна содржина од малолетни лица, тогаш од наша страна за тоа ќе биде известено Основно јавно обвинителство Скопје и ќе се започне процедура за добивање на податоци за администратори на таа група, бидејќи објавување на слики од малолетни лица со експлицитна содржина е кривично дело и се гони по службена должност согласно членот 193-а – Производство и дистрибуција на детска порнографија од КЗ на Р. Северна Македонија.“

Дополнително, од МВР истакнаа дека „доколку групите се затворени и доколку имате информација за некој кој е веќе член во истите и има сознанија за објавување на слики со експлицитна содржина од малолетни лица, а сака да помогне во истрагата, потребно е да му посочите да ни бидат доставени принтскрин фотографии од објавите на нашата е-маил адреса [email protected], со цел истите да ни послужат како доказ во постапка.“

Според нив, секој член на затворена група „може да пријави на опцијата ‘report’ на спорните фотографии со цел од страна на одговорните лица во компанијата Фејсбук објавите да бидат отстранети, а со тоа жртвите заштитени, по што групата според правилата на Metasplatforms Inc ќе биде затворена.“

„Доколку на посочените групи има објави од експлицитни слики од полнолетни лица – потребно е да добиеме пријава од жртвата која ќе посочи дека без нејзина дозвола се објавени сликите (со што е сторено кривично дело по член 149 – Злоупотреба на лични податоци) со цел од наша страна за пријавата да биде известено Основно јавно обвинителство Скопје и да се започне процедура за добивање на податоци за администраторот на таа група,“ завршуваат одговорот од МВР.

Локално се обрати до Министерството за внатрешни работи со конкретни прашања за напредокот во истрагата и мерките преземени против злоупотребите на Интернет. Меѓу прашањата, побаравме одговор дали Телеграм групата е идентификувана и затворена, дали е пронајдена групата на Фејсбук и дали се преземени мерки против администраторите. Покрај тоа, Локално се интересираше дали Министерството го известило Основното јавно обвинителство Скопје за откриените групи и дали ќе се спроведе внатрешна истрага за одговорноста на службениците кои не реагирале по претходните пријави на жртвата.

До моментот на објавување на оваа вест, одговор од Министерството за внатрешни работи на овие прашања не добивме.

Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари: Жените Ромки се враќаат со изговори од полиција, институциите не постапуваат соодветно

Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, кое активно се залага за правата на Ромките, укажува на сериозни проблеми со кои се соочуваат жените при пријавување на сајбер-насилство.

„По нашите постапувања по случаите и пријавување во институциите, се соочуваме со најразлични бариери и препреки. Во некои од случаите, жените Ромки се вратени од институциите со изговор дека тие повторно ќе се смират и нема потреба да поднесат пријава,“велат од здружението.

„Во некои од случаите нашиот тим ги придружува жените жртви до полициската станица во Шуто Оризари и бараме да им биде изготвен записник и поднесена пријава. Ретко кога оваа постапка се завршува во тоа полициско одделение. Службениците се извлекуваат со тоа што ќе кажат дека немаат доволно кадар кој може да изготви записник и дека нивните колеги се на терен,“ додаваат тие.

Во текот на 2021 година, здружението пријавило меѓу 15 и 20 случаи на сајбер-насилство врз Ромки, а резултатите од истражување спроведено истата година покажуваат дека само 40% од жените кои пријавиле добиле итни мерки за заштита.

„40% од жените одговориле дека биле изречени итни и привремени мерки за заштита по нивното пријавување, додека 34% одговориле дека не биле изречени мерки, а 26% од жените одговориле дека не знаат дали се изречени мерки,“истакнуваат од здружението.

Овие податоци исто така ја покажувааат и недоволната информираност на жените за постапките на институциите и укажува на недостиг од транспарентност и комуникација помеѓу жртвите и органите на прогонот.

Од здружението посочуваат и на дискриминацијата со која се соочуваат Ромките во земјава.

„Дискриминацијата врз жените во нашето општество е резултат на традицијата, како и на општествените стереотипи и предрасуди за положбата на жената во општеството. Ромската популација во Република Северна Македонија сè уште е најранливото малцинство, заедница што се соочува со институционална дискриминација, социјални предрасуди и нееднаков пристап до услуги,“велат од здружението.

Покрај институционалната неактивност, жртвите на овие злоупотреби честопати не можат да добијат соодветна заштита или одговорност од надлежните служби.

„Во 2021 година се појави слична Фејсбук страница каде беа споделени експлицитни фотографии на жени и девојчиња Ромки. Нашето здружение поднесе пријава во МВР во одделот за дигитална форензика со сите докази и превод на значењето со кои беа омаловажувани жените. Постапката се води во Основно јавно обвинителство, но одговор до сега не добивме,“ објаснуваат од здружението.

Еден од најголемите предизвици, според здружението, е фактот дека Ромките не се доволно информирани за своите права и често пати се плашат да пријават злоупотреба, особено кога станува збор за малолетнички.

„Ние како општество не сме спремни да го прифатиме новиот начин на живот, и наместо оној кој ги споделил и злоупотребил фотографиите да биде осуден, кај нас е осудена жртвата, таа која што треба да биде заштитена,“ велат од здружението.

Агенцијата за заштита на лични податоци исто така бележи зголемен број на пријави поврзани со злоупотреба на лични податоци на социјалните мрежи. „91% од претставките до Агенцијата за заштита на лични податоци се поради злоупотреба на лични податоци. Во Агенцијата се забележува зголемен број на пријави од граѓаните, бидејќи некој без нивно знаење и согласност ги објавил нивните лични податоци, фотографии и видеа на социјалните мрежи. Претставките најчесто се однесуваат на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок,“посочуваат тие.

Здружението ги повикува сите жртви на сајбер-насилство да пријават преку анонимни канали и нуди помош во собирањето и поднесувањето на доказите.

Како може да се пријави

„Пријавите може да се поднесат анонимно и може заедно со нашиот тим да им помогнеме во делот на поднесување на доказите. Може да се поднесе и претставка до Агенција за заштита на лични податоци, исто така и анонимно,“ додаваат тие и истакнуваат дека кај нив, жртвите може да добијат и бесплатна правна помош и имаат советувалиште  кое е центар за помош на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство. Дополнително преку ова здужение може да се добие и психо-социјална помош.

Жртвите на сајбер-насилство, особено жените Ромки, се соочуваат со двојна дискриминација – и како жени и како припаднички на ромската заедница. Овој вид насилство не само што ја загрозува нивната приватност, туку ја влошува нивната доверба во институциите, кои треба да ги заштитат.

Продолжува …

И.И.

Слични содржини