Здружението на судии изразува искрено жалење за смртта на младата Фросина Кулакова, велејќи дека ниту еден збор не може да ја ублажи болката на семејството и блиските, ниту да ја надомести трагедијата што не потресе сите нас. Здружение на судиите сочувствува, но истовремено и изразува загриженост за фактот што, како што велат, поедини судии се дискредитираат во јавноста, без притоа да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.
-Здружението во целост се согласува и ја поддржува Подружницата на ЗСРСМ колегите од Основниот кривичен суд Скопје, во нивното барање за разумност и рационален пристап во согледување на евентуалните пропусти кај институциите, како и поддршка на граѓаните во нивното барање, исклучиво за Системски промени и зголемување на безбедноста на граѓаните, но и доследно почитување на Уставот и Законите. Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај, стои во соопштението.
Судиите повикуваат на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции.
-Вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот, стои во нивното соопштение.
Судиите од Основниот кривичен суд Скопје вчера преку соопштение порачаа дека неказнивоста во нашето општество не е генерирана само од судската власт, туку е проблем на сите три власти (судска, извршна и законодавна, н.з.), а тоа може да се утврди доколку се имаат предвид сите Закони за амнестија, помилувања и измени на Кривичниот законик со кои целосно или делумно се ослободени голем број осуденици лица.
За случајот со усмртувањето на младата Фросина, од кој и тргна повторениот граѓански револт, но и барањата на власта за разрешување на судијката која во минатото не го пратила 20-годишниот возач во затвор, Судскиот совет денеска реши да формира посебна комисија која ќе го истражува предметот и дали има основа за судиска одговорност.
Обвинителството најави проширување на истрагата и утврдување дали има одговорност и кај родителите на момчето зашто му дозволиле да вози автомобил.