На 15 секој месец, почнувајќи од септември, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани.
Целта е, не само граѓаните да имаат увид во потрошувачката, туку и да се знае дали се испочитувани владините задолженија за заштеда до 15 отсто.
Извештаите на институциите за потрошената електрична енергија ќе ги објавува Министерството за економија.
-Јавноста ќе има увид која институција колку струја потрошила. Секој месец ќе се објавуваат извештаите за потрошувачката на државните институции, и за сегашната и за претходната година, за да се согледа споредбата. Раководителите ќе бидат одговорни за мерките, но и јавноста ќе има пристап, односно увид во потрошувачката. Така ќе видиме како постапиле раководителите. Ако не водат сметка и не ги реализираат препораките за заштеда до 15 отсто, ќе сносат последици, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.