Претседателот на Народната партија на Србија, Вук Јеремиќ, изјави дека никој не треба да се залажува со „релативниот мир“ на улиците во Белград.

„Веројатно ќе трае не подоцна од крајот на летото“, рече Јеремиќ за германскиот весник „Зидојче Цајтунг“, објавија српските медиуми.
Јеремиќ истакна дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја „заробил демократијата“.
„Јеремиќ и другите водачи на опозицијата на Србија испратија писмо до Европската комисија во кое се бара европски ангажман, со цел да се изврши притисок врз Вучиќ да престане со кршењето на слободата на медиумите и владеењето на правото. Предлогот е Брисел да го стори тоа со испраќање стручни групи во Србија“, пишува весникот.
Според Народната партија, германскиот весник исто така пишува дека српската влада не се справила добро со епидемиолошката криза, која предизвика протести и потсетува дека Вучиќ на крајот на февруари правел шеги за коронавирусот и „препорачал ракија како превенција“.
Јеремиќ рече дека имало се помалку и помалку граѓани на протестите поради страв од полициска бруталност и коронавирусот.
„Епидемиолошката состојба сега е навистина загрижувачка“, рече Јеремиќ.