„ЈО и Коцевски да не молчат и да кажат на јавноста дали дискотеката Пулс платила казна од 40.000 евра или сепак како што се трвди во телефонската комуникација што излезе во јавноста Спасовски интервенирал за да се избегне плаќање“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Доколку казната не е платена, велат од најголемата владеачка партија, пратеникот Оливер Спасовски итно треба да е повикан на одгoворност и целата постапка да се истражи до крај.
-Доста е со калкулации, со заштита на моќниците блиски до СДС, потребно е конечно да се стави крај на политичките влијанија во судството. Дали Спасовски ја спасил Пулс од казна и која е неговата улога во аферата? До кога ќе молчи ЈО и Коцевски? Дали Љупчо Коцевски има задача да ги штити функционерите од СДС, прашуваат од партијата на Христијан Мицкоски, додавајќи дека одговорност мора да има за секој кој е инволвиран во случајот со дискотеката Пулс.
-Овој случај не смее дополнително да ја поткопа довербата во институциите и судството, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Спасовски веќе ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот „Пулс“ а сега се заштитени“, порача меѓу другото екс-министерот за внатрешни работи.