ЈО: Истрага за две лица поради „служба во непријателска војска“

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Во синхронизирана полициска акција денеска во раните утрински часови во Скопје и во Република Франција лишени се од слобода тројца македонски државјани, од кои двајца во Скопје и едно лице во Франција, поради основано сомневање дека сториле кривично дело „служба во непријателска војска“, известуваат од Јавното обвинителство. Лицата се осомничени за учествување во вооружениот судир во Сирија како припадници на Исламска држава – ИСИС против меѓународните коалициски сили.

Како што информираат од ЈО, Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца македонски државјани за кои постои основано сомневање дека сториле по едно кривично дело – Служба во непријателска војска од чл. 322 ст.1 од Кривичниот законик.

– Денеска во раните утрински часови, под раководство на предметниот јавен обвинител беше спроведена синхронизирана полициска акција во Скопје и во Република Франција која е резултат на повеќемесечна меѓународна и меѓуинституционална соработка. Во акцијата во Скопје се лишени од слобода две лица, додека во Франција едно лице – македонски државјанин. Осомничените, во 2014 година ја напуштиле територијата на РМ, по што пристигнале во Сирија, место кое било под вооружен судир помеѓу припадниците на Исламска држава – ИСИС и меѓународните коалициони сили, се вели во соопштението на ЈО.

Оттаму информираат дека осомничените учествувале во вооружени судири од месец април до месец август 2014 година, како македонски државјани и граѓани, станувајќи припадници на терористичката организација – Исламска држава – ИСИС.

– Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените, велат од ЈО.

Исламска држава – ИСИС од страна на ОН е прогласена како терористичка организација и согласно одредбите во Кривичниот законик, граѓанин на Северна Македонија кој за време на војна или вооружен судир служи во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации ќе се казни со затвор најмалку три години.​

Слични содржини