Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, ја известува јавноста дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес.
До овој момент од денешниот изборен ден, пристигнати се неколку известувања за евентуални изборни нерегуларности сторени на подрачјето на Основното јавно обвинителство Скопје.
Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во седиштето на СВР Скопје каде заедно со Штабот во рамките на оперативна акција Избори 2021 година во рамки на СВР Скопје се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори.
Добиена е пријава дека засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари. Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата, проверка на лицата на кои што им бил понуден поткупот и утврдување на можен сторител на кривично дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик.
Околу 09:35 часот во близина на влезот на ГМ 2842 и 2842/1 во ЈДГУ „Кочо Рацин“ на ул.„Борка Талески“ на 9 возила од надворешна страна на стаклата е залепена бројка од кандидат за градоначалник. Се преземаат мерки за утврдување на идентитет на евентуален сторител на прекршок од член 190 ст.3 од Изборниот законик.
На 17.10.2021 година во 09:04 часот по лотус добиено е известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија. По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност, соопшти ЈОРСМ.