Ѕвездата на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ ќе биде прогласен за најкорисен играч во НБА. Ова го открија двајца од најавторитетните новинари во кошаркарскиот свет во странство – Адријан Војнаровски од „ЕСПН“ и Шамс Чаранија од „Атлетик“. Така Србинот триумфираше со највредното индивидуално признание втора година по ред, откако минатата сезона беше избран за најкорисен играч во најсилната лига на планетата. Официјалното прогласување на победникот се очекува да се случи кон крајот на оваа недела.
Членот на српската репрезентација зад себе ги остави крилото на Милвоки Бакс, Јанис Адетокумбо и центарот на Филаделфија, Џоел Ембид. Така, четврта година по ред Европеец беше избран за најкорисен играч во НБА. Како што е познато, во сезоните 2018/19 и 2019/20 носител на статуетката беше Јанис, по што Јокиќ ја презеде палката и седна на тронот. Последен американски кошаркар кој ја освои наградата беше Џејмс Харден во 2017/18 година, кога сè уште беше водечка фигура на Хјустон Рокетс.
Така, некогаш избраниот под бр.41 на Драфтот, Јокиќ стана 13-тиот кошаркар во историјата на НБА кој триумфирал со наградата најмалку две последователни години. Елитната листа ги вклучува Бил Расел, Вилт Чембрлен, Карим Абдул-Џабар, Мозес Мелоун, Лери Бирд, Меџик Џонсон, Мајкл Џордан, Тим Данкан, Стив Неш, Леброн Џејмс, Стеф Кари и Јанис Адетокумбо.
Сезонава српскиот репрезентативец го предводеше Денвер до директно учество во плеј-офот, откако тимот заврши на шестото место во Западната конференција со биланс од 48 победи и 34 порази. Како што е познато, Нагетс не можеа да сметаат на нивните други две главни фигури во лицата на Џамал Мареј и Мајкл Портер Јуниор (одигра само 9 натпревари), а Јокиќ ја презеде целосната одговорност во двете фази од играта, за да го одведе својот тим до плеј-офот.
Центарот на Денвер ја заврши кампањата со просек од 27,1 поени, 13,8 скока, 7,9 асистенции и 1,5 украдени топки во 58% од ударите од игра во 74 натпревари за својот тим во регуларната фаза од кампањата.