Никола Јокиќ има сè помали шанси да ја освои наградата за најкорисен играч (MVP) на Западната конференција во плејофот на НБА лигата. Најновите коефициенти значително го потценуваат српскиот ас, кој моментално се наоѓа на четвртото место на листата на фаворити. Иако е вистина дека Денвер Нагетс оваа сезона не блеска и ќе влезе како аутсајдер во дуелот со Оклахома Сити Тандер, останува дилемата, дали е паметно Јокиќ да се отпише толку лесно? Добро е познато дека, ако Никола е на своето вообичаено високо ниво, а соиграчите му играат концентрирано и без многу грешки, Оклахома не е недостижен противник.
Според обложувалниците, најголем фаворит за плејоф MVP е Шеј Гилџис-Александар со коефициент од 1.50. Зад него се наоѓа Ентони Едвардс (5.50), потоа Стеф Кари (11.00), додека Јокиќ е дури четврти со коефициент од 13.00, што јасно укажува на ниската верба во неговите шанси. Но, сè уште е рано за конечни оценки. Првата пресметка меѓу Денвер и Оклахома е закажана за следната ноќ (03:30 часот по македонско време), па останува да видиме дали ваквите предвидувања ќе се покажат точни на теренот.
Кој е MVP во регуларната сезона?
Кога станува збор за трката за MVP во регуларната сезона, се чини дека наградата (незаслужено, според некои) ќе заврши во рацете на Шеј Гилџис-Александар. Според досега обработените 47 гласа (од вкупно 101), кошаркарот на Оклахома води со 32 гласови, додека Јокиќ има поддршка од 15 гласачи.