Единствениот начин што јас го гледам е да се сложиме да не се сложиме, затоа што двете позиции се исклучуваат една со друга, вели д-р Јован Јоновски, хералдичар, за „Трилинг“ за спорот со Бугарија и нивните барања за одобрување на македонската преговарачка рамка со ЕУ.
– Нивните црвени линии значат дека тие би се согласиле со тоа дека ние сме всушност Бугари и дека Македонија е втора бугарска држава или барем била во поголемиот дел од својата историја. Слушаме од политичарите дека тие ни ја признаваат реалноста, но ако ги следиме нивните изјави ќе видиме дека тоа не е така. Многу ретки се изјавите каде што велат дека не признаваат како Македонци и точка. Или признаваме вие денес да се чуствувате како Македонци и точка. Тие велат дека не поддржуваат да бидеме што сакаме, што јас го гледам чисто како пежоративно, вели Јоновски.
Бугарите, според него, не се подготвени да ја признаат целосно нашата посебност.
– Мислам дека проблемот сега, покрај тоа што е суштествен, нема начин како да стигнеме до една „вин-вин“ ситуација,затоа што едната страна е максималистичка, другата се обидува да направи некое одвојување, кое што првата не е подготвена да го направи, додава хералдичарот.