Во петокот на скопското Кале започна акција за средување на вегетацијата оти просторот подолго време е обраснат со висока и сува трева. Претседателот на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека преку практични примери како овој, треба да се чува она што е наследство, но и симбол на градот. Тој ја искористи можноста да спомене и дека по локалните избори, Калето, но и сите други објекти во Градот Скопје што се историски симбол во градот ќе имаат посебен третман.
По три дена од тој настан, се огласи вицепремиерот и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити. Преку својот Фејсбук-профил објави дека просторот на Калето ќе биде исчистен и отворен за граѓаните и туристите како споменик на културното наследство. Истовремено, посочи дека на Калето веќе нема да се градат објекти, како и да се користи за политички цели и поделби. „Обидот за изградба на црква во 2011 година беше спречен од активисти, а оттогаш Скопското кале е запуштено. Сега просторот се чисти и се отвора за граѓаните и туристите како споменик на културното наследство. Владата работи институционално за да избегне меѓуетнички конфликти и да го заштити наследството. Калето е доказ за политизацијата и злоупотребите од минатото. Но, повеќе нема да биде дозволено да се користи за политички цели“, порача вицепремиерот во својата објава.
Со оглед дека веќе сме во „неофицијална“ изборна кампања, во јавноста се поставува прашањето дали Калето ќе биде искористено за политички цели или поделби, налик нешто слично што видовме во времето на владеењето на екс-премиерот Никола Груевски и инцидентот од февруари 2011 година. Според политичкиот аналитичар, Агим Јонуз, во предизборната кампања за локалните избори ќе има беспоштедно кршење на логиката. Во разговор за „Локално“ вели дека Градот Скопје, поделен по општини, има толку актуелна проблематика, што само за да се решат тие актуелни проблеми, ќе треба многу енергија, време и пари.
-Било какви манипулации со информации дека нешто ново ќе се доградува, прави итн се апсурдни. Тоа е се за дневна политика, истакнува Јонуз.
Тврди дека борбата за Калето е апсурдна тема. За Јонуз, Калето уште долги години ќе остане такво какво што е додека не се решат нормалните, секојдневните и елементарните проблеми со кои се соочува народот.
-Тогаш ќе се вклучи Градот затоа што Калето е обележје на градот, а не на една општина. Калето е национален симбол и тоа подлежи на многу поширока дискусија, расправа и секако организираност за да личи како што треба, посочува соговорникот.
Околу тоа дали има чувство дека многу рано започнуваат „предизборните борби“, Јонуз вели дека воопшто не е рано, а не е ниту доцна. Според него, изборната кампања во Македонија се одвива на секојдневно ниво.
-Дневната политика и политичарите во немање на моќ, знаење, спремност и умеење да ја водат државата, единствената работа со која се занимаваат е популизам и лажни ветувања. Единствената работа со која се занимава воопшто политиката во Македонија е чист пи-ар. Доколку кажеме дека некој користи пи-ар или влегува во кампања подоцна или порано е навистина смешно. Македонија е 24/7 во некаква кампања, без разлика дали се работи за локални, парламентарни или било какви други избори, заклучува Јонуз.
Во февруари 2011 година се случи жестока тепачка на скопското Кале меѓу поддржувачите и противниците на изградбата на црквата – музеј. Едната група беше предводена од екс-вицепремиерот во бегство, Артан Груби, тогашен претседател на невладината „Разбуди се“, а втората група беше навивачката група „Комити“. И тогашниот заменик министер за внатрешни работи Џевад Бучи беше на местото на инцидентот и лично им ги симна лисиците на дел од уапсените. Тогаш сите 14 обвинети добија седум месеци условна казна доколку во наредните две години не го повторат делото. Еднаш веќе беше донесена пресуда за инцидентите на Кале, според која учесниците во инцидентите во скратена постапка, без одржување на рочишта, добија три месеца условно, ако не го повторат делото во наредните две години. Но, дел од учесниците бараа да им се суди за да докажеле дека се невини.
Во меѓувреме, Калето ја задржа новата „традиција“ да биде мегдан за меѓуетнички провокации, особено во предизборниот период. Во јуни 2020 година, подмладокот на ДУИ со ласери го испиша предизборниот слоган на партијата – „псе јо“, или „зошто да не“, за Албанец да биде премиер, што предизвика реакции од повеќе страни, вклучително и онлајн-кавга меѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и поранешниот прв човек на Чаир, Изет Меџити.
Скопската тврдина Кале за првпат е заштитена како културно наследство во 1952 година, а со нова одлука заштитата е и дополнета во 1969 година.