Јорданскиот принц тврди дека e ставен во домашен притвор

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Полубратот на кралот на Јордан, Абдула – принцот Хамза, изјави дека е ставен во домашен притвор и го обвини државниот врв за корупција и неспособност.

Видео изјавата на Хамза, доставена до Би-Би-Си, беше објавена откако државната јорданска новинска агенција „Петра“, објави дека двајца поранешни високи функционери и други осомничени биле уапсени од „безбедносни причини“.

Властите, сепак, негираа дека Хамза бил уапсен или ставен во домашен притвор.

Хамза, поранешен престолонаследник на кој му беше одземена титулата во 2004 година, рече дека вчера рано изутрината го посетил еден од највисоките функционери на Јордан и му рекол дека „не смееме да излегува, да комуницира со луѓе или да се среќава со нив“ .

Тој изјави дека му е блокиран пристапот до телефон и интернет и дека се обратил преку сателитски интернет.

Би-Би-Си објави дека ја добил изјавата на Хамза од неговиот адвокат.

Хамза, исто така, рече дека бил информиран дека е казнет за учество на митинзи на кои бил критикуван кралот Абдула, но додаде дека не е обвинет за лична критика на неговиот полубрат.

Тој го критикуваше „владејачкиот систем“, без да го спомне името на кралот Абдула, наведувајќи дека тој одлучил дека неговите „лични и финансиски интереси и корупција се поважни од животот, достоинството и иднината на десет милиони луѓе“.

Во Јордан, многу ретко се случува некој од членовите на владејачкото семејство да упати толку остри критики кон владата, и секој знак на нестабилност во таа земја веројатно ќе ја зголеми загриженоста кај нејзините западни сојузници.

Висок воен службеник кој вчера го посети Хамза негираше дека принцот бил уапсен или во домашен притвор, но рече дека му било наредено да „суспендира некои активности користени за напад врз безбедноста и стабилноста на Јордан“.

Слични содржини