Поранешниот германски министер за надворешни работи и истакнат член на Зелените, Јошка Фишер, изјави дека Европа мора да развие сопствено нуклеарно оружје, оценувајќи дека атомската бомба е клучен елемент на суверенитетот во новите геополитички околности, пренесе N1info.rs.
Во изјава за германскиот дневен весник Тагесшпигел, Фишер нагласува дека американскиот „нуклеарен чадор“ повеќе не може да се смета за целосно сигурен и дека Германија, заедно со европските партнери, треба да преземе лидерска улога во градењето заедничка европска нуклеарна одбрана. Според него, нуклеарното оружје денес претставува последна гаранција за политичка и безбедносна автономија.
Неговите ставови предизвикаа силни реакции, имајќи предвид дека Фишер со децении беше симбол на антинуклеарната политика на германските Зелени, кои жестоко се спротивставуваа и на цивилната употреба на нуклеарната енергија. Сега, во услови на растечки глобални тензии, поранешниот шеф на дипломатијата во нуклеарното оружје гледа можен „спас“ за европската безбедност.
Порталот „Нуклеарна перспектива“ пренесува и изјава на германскиот хемичар Рајнер Морман, кој тврди дека Германија технички е способна да произведе атомска бомба во рок од само три години, доколку постои политичка волја за таков чекор.
Изјавата на Фишер повторно ја отвора дебатата за иднината на европската безбедносна архитектура и за прашањето дали Европа треба да остане потпрена на Соединетите Американски Држави или да изгради сопствени одбранбени капацитети, вклучително и нуклеарни.