Независната угостителска комора соопшти дека ќе издава сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителите кои ќе ги применуваат протоколите за работа.
– За добивање на сертификатот од поканети 40 фирми, 11 се регистрирале во Комората, информираше денеска претседателот на НУК, Здравко Јосифовски на презентацијата на првиот уред увезен во државава- „Blueair Health Protect“, кој освен што го прочистува воздухот, целосно ќе го отстранува коронавирусот во затворени простории.
Добивањето на таканаречениот „златен сертификат“ со којшто се гарантира Ковид безбедна зона е верификација на сите протоколи направени од страна на Комисијата за заразни болести.
Според Јосифовски, на сите затворени објекти кои ќе имаат ваков уред за прочистување на воздухот од Ковид и кои ќе го поседуваат златниот сертификат, треба да им биде дозволено да работат. Смета дека со ваквиот уред, државата ќе стане туристичка дестинација со најдобри и најбезбедни услови за престој.
Тој денес изјави дека е неправедно доколку финансиска поддршка добијат само угостителските објекти чија примарна дејност е служење храна и пијалоци.
Јосифовски нагласи дека сите угостителски објекти, без разлика дали нивната примарна дејност е угостителството или не, биле затворени со владината одлука од 5 април.