Јотова: Бугарија не поставува дополнителни услови за Македонија, туку сака Скопје да ги почитува европските договори

од Nikola Popovski
66 прегледи

„Бугарија никогаш не отстапила од договорената рамка и не поставува дополнителни услови за почеток на преговорите за европско членство со Република Северна Македонија, туку сака Скопје да ги почитува европските договори. Тоа не се бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права“. Ова го изјавила бугарската потпретседателка Илијана Јотова пред специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, со кого остварила средба во Софија.

Во разговорот била нагласена водечката улога на Бугарија во процесот на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Според бугарските медиуми, Јотова истакнала дека во 2018 година, за време на претседавањето со Советот на Европската унија, Бугарија успеала да ја врати на европската агенда темата за европската иднина на Западен Балкан – процес за кој велат дека запрел уште во 2003 година.

Таа ја идентификувала декларацијата усвоена во Софија од самитот ЕУ-Западен Балкан како клучен документ.

Во врска со европскиот пат на Македонија, бугарската потпретседателка укажала на цврстиот консензус на бугарската позиција во врска со влезот на Бугарите во македонскиот Устав и целосното спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„Очекуваме Скопје да ги исполни договорите донесени во 2022 година. Францускиот предлог што беше одобрен од сите земји-членки на ЕУ, како и С.Македонија“, рекла Јотова.

Таа посочила што очекува Софија од Скопје – „вклучување на Бугарите во Уставот, реални резултати од активностите на историската комисија, мерки за спречување на ширењето на антибугарската идеологија и злосторства од омраза, како и стопирање на дискриминација на луѓето кои се идентификуваат како Бугари“.

„Досега ништо не е постигнато, нема ниту предлог- текст за уставните измени. Дополнително, Скопје ги запира заедничките билатерални и европски проекти“, посочила заменичката на Румен Радев, давајќи ја како пример активноста за изградба на Коридорот 8, кој е исклучително важен инфраструктурен проект за целиот регион и Европската Унија.

Слични содржини