Задолжителен услов од кој Софија нема да отстапи е вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија, му рекла бугарската потпретседателката Илијана Јотова на Кристијан Даниелсон, државен секретар за прашања на ЕУ на Кралството Шведска, соопштила тамошната прес-служба.
Меѓу главните теми на разговорот меѓу двајцата било и проширувањето на ЕУ.
„Очекуваме Скопје реално да го спроведе Договорот за добрососедство, како и двата заеднички протоколи. Темелна вредност на Европската Унија е почитувањето на човековите права. Таму каде што не се заштитени човековите права, таму нема Европска Унија“, рекла Јотова, пренесуваат бугарските медиуми.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.