Ќе продолжиме да инсистираме пред европските институции дека Бугарија не може да каже „да“ за членство на Република Северна Македонија во ЕУ додека не се регулираат овие односи. Ова пред новинарите во Охрид го изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова која го коментираше почитувањето на правата на луѓето со бугарски идентитет во земјава.
„Кога зборуваме за гаранции, овие гаранции не можат да бидат вербални. Пет години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, на овој план речиси ништо не се случи. За жал, и во однос на другите делови од текстот на Договорот“, изјави Јотова.
Според неа, најсериозните гаранции за заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија земјата ќе ги добие доколку тие бидат запишани во нашиот Устав.
„Условот за одредени текстови во средношколските учебници го поставивме во изработката на соодветната методологија на наставата. Историската комисија меѓу двете земји мора меѓусебно да ги утврдува текстовите за кои е формирана. Второ, сакаме да се отворат архивите за прогон на луѓето затоа што имаат бугарски идентитет. На трето место е тековното сквернавење на спомениците во Република Северна Македонија“, рече потпретседателката.
Јотова престојуваше во дводневна посета на земјава, при што учествуваше на отворањето на новиот клуб на Центарот за култура „Иван Михаилов“ во Битола. Во бугарската делегација, која присуствуваше на отворањето на клубот на 16 април, беа и премиерот Кирил Петков, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и членови на неколку пратенички групи. Делегацијата се сретна и со претставници на бугарските организации.
„Овие разговори беа многу конкретни, отворени и искрени. Имаат многу нерешени прашања, но најважно за нас е што видоа гаранции во лицето на бугарската држава за нивна заштита. Сите тие споделуваат дека ова е прв пат по многу години – бугарската држава конечно да застане зад тоа да има работни места, а не да бидат сегрегирани“, рече Јотова.
„Научивме многу од пописот. За прв пат разбирам дека оваа мала бројка доаѓа од тоа што на одредени места, кога луѓето се изјаснуваат за бугарско потекло, властите побарале истакнување на бугарски документи, што не постои како предуслов“, рече таа.
За време на посетата, потпретседателот положи венци на споменикот на 15 загинати бугарски туристи при потонувањето на бродот „Илинден“ во 2009 година во водите на Охридското Езеро, посети дневен центар за деца со аутизам во градот, финансиран од страна на бугарската влада, а учествуваше и во отворањето на канцеларијата на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“.