Најважниот услов за Република Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ е тие да ги вклучат Бугарите во нивниот Устав. РСМ тврди дека работат на текстот за уставните измени, но досега не сум видела предлог-текст, изјавила денеска бугарската потпретседателка Илијана Јотова пред новинарите, после свечената церемонија на која му ги предаде бугарските лични документи и државјанство на охриѓанецот Христијан Пендиков.
Јотова порачува дека „доколку до есен нема промени во македонскиот Устав, Бугарија не може да даде зелено светло за РСМ“ за членство во ЕУ. Таа посочила дека првиот услов што не е исполнет е двете земји да се заложат за борба против говорот на омраза.
-Вториот услов, кој исто така не е исполнет, е да има превенција од говорот на омраза. Исто така не се почитува и третиот услов, односно кривично гонење на сите оние кои користат јазик на омраза и кои вршат акции насочени против различни етнички групи, вклучително и Бугарите. Ниту Заедничката историска комисија не може да се пофали со некакви резултати. Сè додека не ги исполнат овие услови, нема да има преговори со ЕУ, била децидна Јотова, пишуваат бугарските медиуми.
Бугарската потпретседателка уверила дека „Софија строго ги исполнува нивните обврски кон Скопје“.