„Не знам дали Министерката за финансии знаеле дека банката ќе оди во стечај кога ги повлекла парите. Не имплицирам дека знаела, си има државни органи кои треба да утврдат дали е така. Но, доколку знаела, не смеела да го направи тоа. Не само таа, туку било кој друг државен функционер. Тоа е искористување на службената положба за остварување на личен интерес, што е дефиниција за корупција“, пишува професорот Бранимир Јовановиќ.
„И ова не го кажувам за да ја нападнам Министерката. Такво нешто на крајот на нејзиниот мандат е апсолутно бескорисно. Ова го кажувам за сите нови функционери, кои ќе бидат именувани со новата Влада, да бидат свесни за ова и да внимаваат на своето однесување.
Да, доколку „обичен“ граѓанин дознае дека некоја банка ќе се затвори, тој има легитимно право да се обиде да ги повлече парите од банката. Но не и државните функционери. Штом ќе стапат на државна функција тие веќе не се „обични“ граѓани. Тие се слуги на народот, тие се јавни службеници и не можат да се однесуваат како и „обичните“ граѓани. Тие мора да бидат спремни да направат лична жртва во интерес на јавното добро.
Тоа е цената на јавната функција – да го ставиш личниот интерес на страна и да работиш за другите, а не за себе. И секој што не го сфаќа ова, не е за државна функција. Државните функции се за луѓе кои се спремни да му служат на јавниот интерес, да работат за општото добро, да се жртвуваат за државата, а не за луѓе кои гледаат како да остварат лична корист од секоја ситуација“, додава тој.