Јовановиќ: Европски компании ќе почнат да го селат производството од Кина кон Западниот Балкан

од Берта Китинска
442 прегледи

Не треба да очекуваме дека сите европски компании што инвестирале во Кина сега ќе го вратат своето производство во Европа. Тоа нема да се случи, бидејќи преселбата на производствениот капацитет е скапо. Она што треба да го очекуваме е дека бројот на компании што ќе го прават тоа ќе се зголемува постојано, вели во интервју за ДВ, д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Помеѓу 2014-2018 година, вели тој, имаше околу 250 компании кои го вратија своето производство во Европа, а бројките во последните неколку години беа околу 70.

– Сега треба да видиме дека оваа бројка постојано ќе се зголемува во наредните години и дека некои од овие компании ќе дојдат и на Балканот. Можеби уште поважно, треба да видиме европски компании, кога ќе инвестираат во странство со цел да ги намалат трошоците за производство, да се одлучат да инвестираат на Балканот, место во Кина. Се разбира, не треба да очекуваме да го видиме ова за една година или за краток временски период, бидејќи тоа е тренд и ќе се случува на подолг период, во следната деценија или можеби дури и повеќе, истакна тој.

Во суштина, посочува Јовановиќ, мултинационалните компании за време на пандемијата сфатија дека начинот на кој го организирале своето производство – со преместување на скоро сè во Азија – е премногу ризично.

– На почетокот на пандемијата, светот остана без заштитни маски, бидејќи сето ова производство беше преместено во Источна Азија и пандемијата ги затвори границите. Гледаме ваков вид на недостиг цело време во изминатите 15 месеци, а последниот е недостигот на чипови, што сериозно ја погоди автомобилската индустрија. Дополнителна причина е што геополитичките тензии со Кина постојано растат, што резултира со секакви протекционистички мерки и санкции, што ги прави инвестициите таму сè поризични. Со цел да се намалат овие ризици, мултинационалните компании размислуваат или да пренесат дел од своето производство од Кина во земјите кои се поблиску до нив, или да инвестираат во блиските земји, наместо да инвестираат во Кина, изјави Јовановиќ.

Слични содржини