Јовановиќ: Кој ќе се даночи со даночните реформи? Богатите или сиромашните? Фирмите што едвај преживуваат или корпорациите со милионски профити?

од Vladimir Zorba
994 прегледи

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, кој како посебен советник во Министерството за финансии беше инволвиран во промените во даночниот систем од пред неколку години, вели дека овој пат даночните реформи не само што се носат доцна, на само 4 месеци пред крајот на годината, туку за нив се одлучува и во нетранспарентен процес. Една од најголемите нејаснотии во реформата според него е дилемата кој ќе се даночи.

Никој не знае што конкретно се предвидува со неа, дали ќе има прогресивен данок или не, колку ќе бидат новите стапки што се предвидуваат и сл. Несериозно е да кажете – ќе видиме каква ќе биде јавната дебата, па тогаш ќе решиме што ќе правиме, како што кажа министерот за финансии вчера. Тоа говори дека не знаете што правите, вели во интервју за „Локално“, Јовановиќ.

Погрешна според него е и намерата да се плаќаат придонеси за договорите на дело бидејќи се наметнуваат нови давачки за хонорарците кои немаат работен однос а не се зголемуваат даноците на тие со високи плати.

Не можете да зборувате за праведен данок, ако сакате да даночите хонорарци кои едвај крпат крај со крај, а не сакате да даночите милионери. Ако не се воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка, а се воведат придонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите, и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици, објаснува Јовановиќ.

Според него,претерани се стравувањата дека со даночење на штедните влогови ќе дојде до повлекување на парите од банките.

Ако некој има заштеда од 100.000 денари, ќе треба да плати данок од 200 денари, што сепак мислам дека е премалку за да се повлекуваат пари од банка. Проблемот тука е принципиелен, дека повторно ќе се даночат исто и оние кои имаат заштеда од 1000 евра, и оние кои имаат заштеди од милиони евра. Треба да се даночат само вториве, дециден е Јовановиќ.

Најавата за даночни реформи предизвика реакции, непознаници и револт кај граѓаните и стопанствениците пред се поради страв дека ќе се зголеми опсегот на оданочување и висината на даноците. Дали според Вас има место за страв или треба да се верува на најавите дека ќе се зголеми даночната основа но не и даночните стапки, дека реформата ќе продуцира повисоки стапки на економски раст а со тоа и на животниот стандард на граѓаните?

-Даночните реформи секогаш предизвикувале бурни реакции, не само кај нас, туку секаде. Во Америка моментално се зголемуваат некои даноци за компаниите, и има огромна бура. Имаше бура и во 2018 кај нас, кога го воведувавме прогресивниот данок. Но оваа реформа што се најавува сега сепак мислам дека не се води добро. Како прво, се најавува прекасно, на само 4 месеци до крајот на годината. Кога го воведувавме прогресивниот данок во 2018, две години однапред се знаеше дека тој ќе се воведе. Како второ, реформата не е транспарентна –Како трето, секоја даночна реформа мора да има многу јасна порака – зошто ги менувате даноците, што сакате да постигнете? Кога го воведувавме прогресивниот данок во 2018, пораката беше – земаме од богатите, за да им дадеме на сиромашните, затоа што Македонија има највисока сиромаштија и највисоки класни разлики во Европа. Сега нема никаква порака. Како четврто, даночната реформа мора да има многу добар комуникациски план и стратегија, за да се информира јавноста и да се одговори на сите можни прашања, грижи и дилеми, а тоа сега не го гледаме. И тоа е доста зачудувачки, затоа што сегашниот министер за финансии му беше еконмски советник на премиерот кога се воведуваше прогресивниот данок, и треба многу добро да знае што сѐ правевме тогаш и колку е всушност тешко да се спроведе една даночна реформа.

Кои според вас ќе бидат точките каде ќе се судрат за и против засегнатите страни? Што и кој ќе загуби со нив, а кој и колку ќе добие?

-Јас всушност и не можам да дадам одговор на ова прашање, затоа што не знам што сѐ точно се предвидува. Но главното прашање при секоја даночна реформа е – кого ќе даночите? Дали богатите или сиромашните? Дали малите фирми кои едвај преживуваат, или големите корпорации кои прават милионски профити? Прашањето за прогресивниот данок се сведува всушност на тоа – ако воведете прогресивен данок, ги даночите богатите, ако не воведете, ги даночите сиромашните. Ние сега немаме одговор на тоа елементарно прашање, не знаеме дали се планира прогресивен данок или не. Во колумната која ја објави министерот за финансии, кажа дека нема да има покачување на даночните стапки, што имплицитно значи дека нема да има прогресивен данок. Вчера на прес конференцијата кажа дека тоа ќе зависело од јавната дебата.

Од друга страна, се најавува повторно плаќање придонеси за хонорарците, односно за договорите на дело, што Груевски и Ставрески сакаа да го направат во 2014, и против што ние, а и голем дел од оваа влада, протестираше. Тоа е погрешно од секоја гледна точка – хонорарците немаат работен однос, тие немаат стабилна работа, имаат само повремени примања, кои најчесто не се ни високи. И вие сега на нив им наметнувате нови давачки, а не им ги зголемувате даноците на оние што имаат плати од неколку десетици илјади евра месечно. Така што, ако не се воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка, а се воведат придонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите, и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици.

Вие бевте еден од гласните поборници за воведување на прогрсивно оданочување.Кој според вас треба да биде прагот на оданочување кај данокот на личен доход а кој за данокот на добивка? Што тоа ќе донесе за буџетот на државата?

-Да воведувам јас прогресивен данок сега, кај личниот доход би ставил барем три стапки – 10% до 1500 евра месечно, 20% помеѓу 1500 и 3000 евра, и 30% над 3000 евра. Кај добивката, би вовел дополнителна стапка од 20% за добивката над 1 милион евра. И задолжително би ја укинал максималната основица за плаќање на придонесите, која ги фаворизира оние со плати од илјадници евра. Со една ваква реформа, според некои мои груби пресметки, би можеле да се соберат околу 100 милиони евра годишно. Тоа е отприлика двојно повеќе од она што го кажа министерот за неговиот предлог. Во рок од 5 години, тоа менува издавање една евробврзница.

Дали и во колкава мера укинувањето на даночното ослободување на реинвестирана добивка ќе ги одврати бизнисмените од инвестиции?

-Мислам дека е ова лоша одредба, и дека секако може да ги намали инвестициите. Ставете се во ситуација на една фирма. Сте оствариле добивка од 100.000 евра. Се мислите дали да ја исплатите, или реинвестирате. Во првиот случај, кога реинвестираната добивка е ослободена од данок, имате две опции. Ако реинвестирате, ќе имате 100.000 евра во инвестиции. Ако исплатите, ќе имате 90.000 на сметка. Првата опција е очигледно попривлечна, и затоа многу фирми ќе се решат да реинвестираат. Во вториот случај, кога реинвестираната добивка не е ослободена од данок, исто ви се фаќа дали ќе ја инвестирате или не, и во двата случаја имате 90.000 евра, еднаш како инвестиција, еднаш на сметка. И затоа многу фирми ќе се решат да не инвестираат.

Освен тоа, даночењето на реинвестираната добивка ќе ги погоди особено помалите фирми, кои тешко наоѓаат средства за нови инвестиции. Многу подобра опција е да се воведе прогресивен данок на добивка, или некаков вид на данок на екстра профити. Со тоа ќе се даночат само фирмите кои имаат високи профити, што нема да направи никаква штета, а и ќе донесе повеќе пари.

За сите детали од реформата Министерството за финансии е во фаза на дебата со бизнис секторот и стручната фела. Преку дефинирање на пет приоритети се ветува поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективноста на даночниот систем за наплата на приходите, зголемена транспарентност, подобар квалитет на услугите. Што беше пречката досега да не се практикуваат ваквите начела?

-Ова е ПР. Тие приоритети ги воспоставивме ние, во 2017 и 2018 година, во даночната стратегија која тогаш ја подготвивме, но која владата не сакаше да ја објави. Сега малку ја прилагодиле стратегијата и приоритетите, и го најавуваат тоа како нешто ново. Приоритетите се ОК, проблемот е што реформата која сега се предлага не ги отсликува тие приоритети. Не можете да зборувате за праведен данок, ако сакате да даночите хонорарци кои едвај крпат крај со крај, а не сакате да даночите милионери. Не можете да зборувате за транспарентност, ако најавувате реформа за која никој не знае што точно предвидува. Џабе што ветувате такви работи, кога со делата покажувате дека го правите спротивното.

Наспроти уверувањата на владата дека со акциски план ќе се сузбива неформалната економија ( нешто што со години се ветува), стопанствениците се отворено против ваквата идеја. Дали се оправдани нивните стравувања дека новите даноци ќе стават клуч на врата на компаниите и отпуштање на вработените?

-Иако не ги знам сите детали, од она што го видов, компаниите ќе бидат погодени најмногу од даночењето на реинвестираната добивка. Тоа може да ги намали инвестициите, и преку тоа, на некој среден и долг рок да доведе до помала вработеност, ама сепак мислам дека изјавите дека ќе има затварање на фирми и отпуштања на работниците се претерани.

Во услови на инфлација од 16% измерена во јули, енергетска криза и пандемија, дали и во колкава мера новите давачки се закана за сивата економија?

-Можно е да се зголеми сивата економија, доколку, на пример, хонорарците решат да работат на црно, без да ги пријават приходите, за да избегнат плаќање придонеси (кои би им биле, веројатно 28%). Но во суштина, искуството покажува дека даноците не се главната причина за сивата економија. Македонија има најниски даноци во Европа, па пак има релативно висока сива економија. Кога се воведе прогресивниот данок во 2018-2019, не се забележа некоја голема промена кај сивата економија.

По неколку одлагања, од следната година се најавува и данок на каматата од штедните влогови во банките. Како ќе реагираат штедачите?

-И тука мислам дека реакциите дека ќе има повлекување на штедните влогови се претерани. Според министерот, ако некој има заштеда од 100.000 денари, ќе треба да плати данок од 200 денари, што сепак мислам дека е премалку за да се повлекуваат пари од банка. Проблемот тука е принципиелен, дека повторно ќе се даночат исто и оние кои имаат заштеда од 1000 евра, и оние кои имаат заштеди од милиони евра. Треба да се даночат само вториве, и тоа може да се изведе така што ќе се каже дека приходите од камати до одредено ниво (на пример 100-200 евра годишно) нема да се даночат, а ќе се даночат само оние кои се над тоа ниво. Така беше предвидено во 2018 година, со прогресивниот данок, со тоа што таа одредба за даночење на каматите никогаш не се примени.

К.В.С.

Слични содржини