„Го слушам Апасиев на Само вистина. Прво, a тоа е очигледно – гледајќи ги коментарите од неговото гостување – фино им звучи на сите шовинисти, радикални и “чисти” етнички структури. Го наградуваат со “цар”, “македончиште”, “иден премиер” и слични желудочни епитети. Второ, за претседателот Пендаровски вели дека е станат претседател на начин што бил гласан од Албански гласови. За договорите од Препа и Бугарија вели дека се штетни, а владата била “слабокрвна”. Попатно се расфрла со цитати, небаре не е тежок националист, ами е фин и пристоен интелектуалец. Јок! Се работи за тежок демагог и манипулатор, коментира на својот Фејсбук политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ.
Тој вели дека лидерот е на Левица е опасен човек во јавната сфера.
„Идиотштината на ВМРО-ДПМНЕ, нивната опозициона глупавост, овој човек ја пополнува со некаква “содржина” која дефакто е антимакедонска и дискриминаторска. Ги негира Албанците како наши пријатели и сограѓани, а од друга страна плука кон билатералните договори кои се предуслов за наше евроинтегрирање. Дури, во тезите и реторичките лупинзи, Апасиев е антиевропеец и, а за тоа ќе покаже времето, во себе има наративи и тези на типичен руски играч.
Да се вратиме на суштината и карактерот на нашата земја: Македонија е мултикултурна, мултиконфесионална и шарена. Овде има место за сите народи и малцинства. Ако нешто може да ја дезинтегрира земјата во нови поделби, фрагментирања и нови отселувања, тоа е инсистирањето исклучиво на Македонци versus останати. Така се губи солидарноста, така се враќа авторитарноста, така се враќа популизмот и на крајот, така се влегува во нова тиранија.
Апасиев е Шешељ во млади денови. Овој човек треба со време да се разобличи. Спремен е, а тоа е премногу очигледно, во својата фанатичност да предизвика големи штети“, пишува Јовановиќ.